Да се откажат сите патувања и екскурзии на учениците во Италија, препорача владата

346

Владата донесе повеќе заклучоци и препораки за превенција и заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните од коронавирусот. Врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со коронавирусот на Министерството за здравство и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, донесени се повеќе заклучоци од интерес за заштитата на јавното здравје и здравјето на граѓаните.

На седницата е утврден заклучок Министерството за здравство, да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата.Овој центар ќе воспостави тесна соработка со медиумите во земјата, и ќе има за цел да ги прибира сите релевантни информации и со цел навремено, точно и најсоодветно информирање на јавноста за превенција и заштита на населението од ширење на корона вирусот, како и за постапките и институционалната рамка во делот на лекувањето на последиците од вирусот.

Владата донесе заклучок да го ограничи влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.

Владата му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот. Министерството за здравство треба итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.

Владата донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, како и да организира едукативни часови за превенција од коронавирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје.

На граѓаните им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот. Меѓу заклучоците е и препораката до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...