Да се биде Христијан Мицкоски

Нема продуктивна политичка иднина на Мицкоски, вон поддржувачите во некои кругови од неговата партија, сè додека ги користи пропагандните услуги на курирските манипуланти и колумнисти.

2012

Сегашното ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски се обидуваат да спроведат „невозможна мисија“: во силен пропаганден налет („криминален картел“, „заробена држава“ и сл.) да го поистоветат едногодишното владеење на Заев со единаесетгодишното владеење на Груевски, надевајќи се дека – без јасна осуда и дистанцирање од вмровското политичко, идеолошко и криминално наследство од Фамилијата – ќе пренесат врз себе, како да е првут во прашање, нешто од демократската енергија и надежи кои беа вложени од голем број граѓани во уривањето на недемократскиот режим на Фамилијата.

Се чини дека по ТВ дуелот на Мицкоски со Заев, Христијан направи голем исчекор барем во делови од сопствената партија можеби да биде препознаен и да добие кредибилитет како, навистина, нов лидер на партијата. Но, таквиот „внатрепартиски“ проект завршува на „обалите“ на неговото верно партиско членство; за да ја проектира таа порака и да ја црпи демократската енергија и во пошироката јавност која е во различна мера незадоволна од власта на СДСМ, ќе му треба вложување на уште многу, многу политички кредибилитет во дистанцирањето од ликовите и делата на познатите обвинети за високо-организиран криминал. На што и да се надева, тоа за него не можат да му го одработат обвиненијата на СЈО и пресудите на македонското судство.

Таквиот (во немање на подобра квалификација) „лешинарски“ став на Мицкоски – всушност, отсуството на негов став – е навредлив и многу потценувачки за интелигенцијата и меморијата на најголемиот број граѓани во Македонија. Тоа граѓанство (составено не само од етнички Македонци!), за да може Мицкоски да почне да го разгледува како потенцијална политичка појава, а особено и како можна изборна опција, очекува тој да покаже барем половина од храброста и интегритетот што Заев го демонстрираше во (лично, семејно, политички) високо ризичниот судир со Фамилијата во времето додека токму Мицкоски беше генерален секретар на партиската структура на Фамилијата. Премногу се свежи тие сеќавања, а кај многумина и со лични крајно непријатни искуства, за да потпаднеме под истата врескава и мизерна пропаганда на денешниот Курир, на што бевме изложени и пред, да речеме две, три или пет години. Нема продуктивна политичка иднина на Мицкоски, вон поддржувачите во некои кругови од неговата партија, сè додека ги користи пропагандните услуги на курирските манипуланти и колумнисти. Сите тие очајници би го сакале Груевски назад, а го доживуваат Мискоски само како неопходна партиска транзициска „епизода“.

При тоа, работата на Мицкоски се чини нешто полесна, иако подеднакво предизвикувачка, од онаа на Заев: додека лидерот на СДСМ преживеа опасни удари во судирот со Фамилијата, Мицкоски треба само да се ослободи од нејзината прегратка. Смртоносна е таа прегратка, во политичка смисла.

И да не го лаже умот „ваквиот“ Мицкоски дека ќе „фати“ некој профит за себе од критиките што на сметка на Заев стигнуваат (секој од свои мотиви) од различни агли во јавноста или дури и од такви како мене, Героски или Милчин, на пример. Будали се оние кои мислат дека новинари или интелектуалци можат да им направат корист или да им нанесат штета на политичарите повеќе одошто тоа тие самите се во состојба да си го направат себеси. Тоа важи за Заев, но уште повеќе за Мицкоски.

Значи, да се биде Христијан Мицкоски не е доволно во јавни телевизиски настапи сто пати самиот да си го спомнеш името. Па, дури ни само успешно, со повремени „доскочици“, да му парираш на противникот во лидерската дебата. Многу поважно е својот морален, а потоа и политички интегритет да го изградиш на формативните прашања од своето време, за да видиме кој си, од каде доаѓаш и каде сакаш да нè водиш. Ако се има амбиција за повеќе од една „епизода“.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...