Веста за норвешкиот министер за транспорт, кој поднел оставка за да ѝ овозможи на
својата сопруга да напредува во кариерата и една година да работи во болница во
САД, очекувано, кај нас предизвика и голема читаност и бура позитивни реакции.
Впрочем, како и во неговата матична земја, кадешто потегот е поздравен како
пример за еднаквост меѓу мажите и жените.
Најсилен впечаток ми остави следната изјава на извесниот Кетил Солвик-Олсен:
„Беше фантастично да се работи како министер за транспорт и врски и, ако сум
целосно искрен, би сакал да продолжам така до крајот на животот“. Така е тоа во
земја во која занимавањето со јавните работи (res publica) се сфаќа како служба во
полза на народот, а не како привилегија и можност за злоупотреба на политичката
моќ. Големината на типов, јасно, е во фактот што кариерата на неговата сопруга во
една сосема друга област, за него, сепак, е поважна од неговата политичка кариера.
И тоа, всушност, е она што кај нас, во Македонија и пошироко на Балканот, тешко се
разбира. Не гестот на еден одважен фраер кон неговата сакана, значи не
„абдикацијата“ во името на љубовта, туку откажувањето на еден човек од
министерската позиција, која овде, на нашиве простори, во едно вакво општество,
законито носи привилегии, моќ, тендери, пари и многу други „вредности“ поради кои
мноштвото луѓе воопшто влегуваат во политиката.
Нема власт во која не доминираат луѓе кои политиката не ја разбираат првенствено
како шанса да ја злоупотребат политичката моќ и да се збогатат. Такви луѓе има и во
сегашнава власт, а уште повеќе меѓу оние што гравитираат околу неа – овие вториве
патолошки им завидуваат на сите што се докопале до парче власт (министерско,
заменичко или советничко место, ма макар и некаква банална клати-брата-земај-
плата позиција), а истовремено се надеваат дека и тие ќе дојдат на ред да се
нафатираат, ако бидат „умни“, ако се апологети и ако докажат дека се благонадежни.
Најтажно од сѐ е што сите овие некадарници својата опсесија ја проектираат на
другите, па во сите луѓе гледаат противкандидати и потенцијални опасни соперници
во битката за освојување ронки од колачот на власта. Тие не можат ни да замислат
дека има луѓе кои не се опседнати со власта и кои не би ја менувале својата
професија за место во чиновничкиот апарат. Што, пак, не значи дека нема многу
други начини да се остане чесен и да се изразат своите политички ставови, што
често може да бидат со многу поголем импакт од оние на партиските и владините
апаратчици и на нивните медиумски подопашници.
Ако не е нескормно, би сакал да посведочам за себе. Мојата политичка кариреа
почна рано, на возраст од 15 години и заврши исто така рано, на возраст од 28
години, кога бев делегат на последниот (14-ти) Конгрес на СКЈ. Многу подоцна, веќе
како новинар и уредник, во едно интервју, бев прашан дали имам политички
амбиции. Одговорив отприлика вака: „Политиката е моја голема страст. Но, во
општество како нашево, мислам дека многу поделотворно е моето занимавање со
политика како новинар, автор и како граѓански активист, отколку да станам партиски
апаратчик или утре државен чиновник“.
Да сме како Норвешка, кој знае, можеби би размислувал поинаку, баш како оној
министер од почетокот на приказнава, кој признал дека до крајот на животот би сакал
да му служи на народот. Но, бидејќи веројатно нема да дочекам да станеме такво,
цивилизирано и отворено општество, цврсто и непоколебливо останувам на
кажаното. А и не сум сам, да си знаете. Има илјадници што се гадат и од
спомнувањето на зборот политика.
ПС. Им се извинувам на сите кои моите колумни ги доживуваат како премногу лични.
Ама мислам дека е подоблесно човек да биде личен одошто безличен.