Да се беси Тричко

Најстрогата казна на Тричковски треба да му биде изречена и ако му се докаже дека ширел говор на омраза затоа што храбро, достоинствено, упорно, остро ѝ се спротивставуваше на семоќната власт што повеќе од една деценија, како да е окупаторска, ја уништуваше македонската држава на сите можни начини, доведувајќи ја на работ на провалијата.

4894

Градимир Јовановиќ

Кога ја чув веста дека Бранко Тричковски е повикан на сослушување во ОЈО, прво што ми текна беше помислата дека тој не треба да биде осуден на затвор, туку веднаш да биде обесен, зашто не се согласуваше да живее како глушец кој ќе се крие од сè и сешто за да не биде изеден; зашто го прекрши заветот на молчење (наведнатата глава сабја не ја сече), осудувајќи ги полтронството кон сите власти, интелектуалната проституција од невидени размери и сето она друго од долгата листа на трагичните вистини на режимот што повеќе од една деценија му правеше вивисекција на македонскиот човек, фрлајќи го во сè поголемо сиромаштво, длабока депресија, апатија, безнадежност, очај…

Институција и заштитник на чесното граѓанство

Најстрогата казна на Тричковски треба да му биде изречена и ако му се докаже дека:

– ширел говор на омраза затоа што храбро, достоинствено, упорно, остро ѝ се спротивставуваше на семоќната власт што повеќе од една деценија, како да е окупаторска, ја уништуваше македонската држава на сите можни начини, доведувајќи ја на работ на провалијата, до самоуништување;

– што систематски успешно ги демаскираше многубројните фолиранти и блефери облечени во национално или научно руво, сè до еден клиентелист, професионалните клептомани на националните богатства, полуинтелигентите самопрогласени во арбитри со национална тежина, овластени и поттикнати и, се разбира, богато наградени за да ја менуваат националната историја, идентитетот, наметнувајќи ги лагите и будалштините што беа во служба на монструозниот план за антиквизација и народното одродување;

– шарлатани амбасадори од кои некои ја немаа совладано ни латиницата и кои со своето незнаење простотилакот и примитивизмот ја брукаа државата;

– дрвени филозофи кои сеејќи глупости не се симнуваа од екраните на поткупените телевизии;

– апологетите за величење на антивредности директно вперени против македонската култура, историското паметење и национална гордост, со еден збор осакатени наводни интелектуалци кои се нудеа за една коверта да плукнат на вредното, интелектуалното, чесното, прогресивното.

Бранко Тричковски бездруго треба да виси и затоа што со своите ретко умни, високописмени и интелектуално длабоко оправдани колумни ги нервираше јуришниците на ДПМНЕ и нивните газди, па мораа да му го запалат џипот, да му шкртаат и да му оставаат разни гадости пред влезната врата од станот;

– зашто ја иритираше таа разулавена булумента на набилданите силеџии која сакаше да го заплаши испраќајќи му по десетина дневно, преку социјалните мрежи, смртни закани… Нивната анонимна ништожност не го поштеди ни неговото семејство. И пак не го заплашија.

– затоа што неговите разорни метафори, алегории, духовити досетки и компарации ги доведуваа до хистерично лудило сите полуидиоти на високоплатени места во државната администрација (повеќето се сè уште таму), разобличувајќи го нивното штеточинство токму против таа држава што ги хранеше;

– затоа што им се потсмеваше на сеачите на глупоста и на сите можни заблуди директно насочени кон затапување и заглупување на народот;

– затоа што најостро не избирајќи зборови, некои и сочни за малограѓанско уво, но пред сè примерени на темите, го напаѓаше шовинизмот како најопасна закана по опстанокот на Македонија, заедно со тоа ништо помалку опасните злоупотреби на власта, примитивизмот, неукоста од купените титули на селските факултети, со еден збор медиокритетите од сите бои и на сите места, што како филоксери и лебарки го уништуваа здравото национално ткиво, бидејќи не се срамеа од ништо;

– затоа што немаа одбрана од изнесените несомнени вистини од Бранко Тричковски кои директно ги загрозуваа нивните високи државни позиции, од кои, макар во вид на илузија и макар привремено (допрва ќе се потврди) не можеа да ги заштитат ни зеленилото на Водно, ни високите огради на нивните вили, бодигардите и црните лимузини;

– затоа што покажа, смеејќи им се во лице дека со ништо не можат да го заплашат, уценат или поткупат;

– БТ ненамерно се претвори во институција и заштитник на чесното граѓанство кое во него бараше и најде утеха, надевајќи се дека еден ден ќе му биде подобро.

Има уште за судење

На тие што можеби сакаат да го изедначат со говорот на омраза со еден осудуван режимски апологет, полуписмениот Миленко и на него сличните шарлатани и сеачи на магла распослани низ социјалните мрежи и портали, им препорачувам не само да ги судат, туку и да ги осудат и Грчев, и Џабир, и Сашо, и Геро, и Злате, и Ерол (искрено им се извинувам на другите што не ги спомнувам) затоа што верно им служеа на високите морални предизвици што во едно несреќно време Македонија, само со своето перо, знаење и талент, се дрзнаа да ја земат во заштита, за разлика од власта што со мислечките и храбри луѓе се обидуваше да се пресмета со наместени пресуди, притвори, лустрации, претепувања, уцени и долгата листа други криминали, како основно орудие на монструозната ДПМНЕ- овска власт.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...