Во годината пред нас ќе бираме претседател на државата. Зоран Заев изјави дека нема да се кандидира за претседател. За да не биде покусо и Христијан Мицкоски изјави дека не „сака“ да седне на претседателската фотелја. Што мислите?
Да им веруваме ли? Кој знае! Според сѐ досега што кажаа и што направија тешко може да им се поверува дека ниту едниот ниту другиот не сакаат да се преселат во вилата под Водно во која сѐ уште се „шири“ легендарниот ни претседател Џорџ Иванов.
Премиерот Заев досега многу работи кажа и вети, ама, според народот и опозицијата, малку оствари. Капата долу за решавање на проблемот со Грција, Преспанскиот договор и за приближувањето на Македонија кон НАТО и ЕУ. „Животот за сите“, проблемите во здравството, образованието, судството и запирање на иселување на младите, тапкаат во место. Вети дека нема амнестија за сите оние, кои на дваесет и седми, насилно влегоа во законодавниот дом и сакаа државата да ја урнат. Арно ама, поради „пусти гласови“, за да го „доигра орото“, за името со Грција, се попишмани.
„Пишман аџија“! Одлучи да одговараат само организаторите и извршителите, а оние „заведените“ да бидат ослободени. Од притвор да се најде „модус“ да се пуштат големите „риби“. Да дадат милиони гаранција и наместо во Шутка да бидат во домашен притвор, а некои што „излегле прави“, да се ослободат од обвинение. И да си одат дома. Што да прави Заев. Гласови му требаат за усвојување на амандманите за измени на Уставот.
За да ја смири „колку-толку“, состојбата во СДСМ, посебно за вработување на сопствените кадри, во сите јавни претпријатија, донесена е одлука, покрај директорот, да се вработи и заменик директор. А на народот македонски му вети дека идната година ќе била година на економијата. Ќе се граделе фабрики, патишта, хидроцентрали. Ќе се вработеле доста млади. Нема да оделе во странство. Македонија ќе се нашла заедно со најсилните и најбогатите од НАТО. Ќе го исполни ли ветеното Заев?
Христијан Мицкоски, кој е малку „помлад“ на функција претседател на ВМРО-ДПМНЕ, од премиерот Заев, освен митинзи, на кои секому ветуваше сѐ, а ништо не реализира. „Кога ќе дошол на власт“ ќе направел „мед и млеко“ да тече во Македонија. Така викаше и мислеше дека народот му верува. А и тој убаво знае дека лаже, ама убаво лаже. Знае дека „оној“ што го постави за претседател, му ги собра сите пари и си замина за Унгарија. Како мисли да направи „рај“ во Македонија, само тој знае или и тој, како што вели народот, на митинзи и пред избори може да се лаже и сѐ и сешто да се ветува. И на колена клекна, но, многу негови не само што не му поверуваа туку и грб му свртија. Не само малите, туку и од редот на водачите послушност му откажаа. Желба му беше на „мегдан“ со Заев да излезе. Не му се исполни. Заев не му го прифати „мегданот“. А тој пак, за инает, митинг врз митинг не само во „престолнината наша“ туку и во другите градови одржува. И на нив сѐ едно исто. ВМРО-ДПМНЕ да дојде повторно на власт. Кога? Тоа не го кажува. Пуста власт. Слатка е!
Да пуста власт. Затоа тешко е да се поверува дека и едниот и другиот ќе се откажат од трката за претседател на Република Македонија. Политиката е таква. Политичарот едно збори, друго мисли, а трето прави!