Следат тешки моменти за нашите очи и уши! Предизборно се „разработија“ министрите и оние кои сакаат да бидат министри.
Ама, дваесетина години, кадровски се променуваат составите на владите, но не се променуваат навиките. И овој пат силно ќе се фалат оние што се на власт, а всушност работеа по линија на мал отпор, популизам, краткорочно гаснење пожари, тапкање во место без визија за иднината…
Како последица од тоа одржливоста на целиот систем не е возможен, а државната каса е во постојан минус.
Дупките во буџетот, потребите за исплата на плати за администрацијата, пензии и социјални трансфери се покриваат од задолжувања за кои нема многу анализи како ќе се вратат. Таа пракса започна некаде во 2010-тата со владата на ВМРО, а гледаме дека не се срами и не ѝ е гајле за последиците ниту на владата на СДСМ.
Пред секои избори и претходните влади, но и оваа, стануваат необично дарежливи и преку социјални трансфери „омекнуваат“ одредени категории гласачи: пензионери, студенти, земјоделци… , а и кој се реши да штрајкува – веднаш доби повишица. И среќни дека „купија“ гласачи, не гледаат дека бизнисот предизборно страда – секнуваат реалните пари. Сите чекаат „на готовс кој ќе дојде“ и каква политика ќе води?
А тоа да го дознаеш преку нивните настапи е многу тешко, тие сега само се фалат или ги напаѓаат претходниците.
Сите влади од 2002 година до денес повеќе се оптоваруваа со претходните, отколку со себе. И на ВМРО и на СДСМ секогаш опозицијата им беше виновна. По идентично сценарио, најпрвин почнуваа да го информираат народот за големите финансиски дупки што ги оставиле претходниците, кои поим немале како се работи. Потоа информираат каква и колкава е штетата – испокрале сѐ што можеле… најавуваат истраги, враќање на украденото, заслужена казна за арамиите… Им поминал половина од мандатот, ништо не сработиле, а резервите се потрошиле, кредити се земале и тие се потрошиле, а државата стои во место!
На крај почнува фазата со подготовка за нови избори, со лажни ветувања и нереални цели. Секој ден ново ветување – нова цел, а ефект нула! Вчерашното ветување утре се заборава, ама се надополнува со две нови ветувања.
Новите кои треба да ги избереме пред сѐ треба да нѐ уверат дека ќе работат. А потоа и дали знаат да работат.
Најважно за нас гласачите е да не заборавиме, тие што забушавале или слабо работеле – не можат да се поправат!