Со епрувета крв која се проверува на Институтот за имунологија, речиси секој граѓанин може да стане потенцијален доброволен дарител на коскена срцевина. За земја од 2 милиони жители, како што е Македонија, треба да имаме барем 20.000 до 30.000 донори во регистарот, каде досега се евидентирани 4.000 донори, а типизирани се 1.500, изјави денеска професорката д-р Ирина Пановска Ставридис, в.д. директорка на Универзитетската Клиника за хематологија во Скопје.
Таа денеска ја најави кампањата „Биди срцевина, биди херој“ која почнува задутре (сабота), во организација на Клиниката за хематологија, Институтот за имунологија и хумана генетика при УКИМ Медицински факултет Скопје и Министерството за здравство.
– Целта на оваа кампања е подигање на свеста за хуманоста, промоција на солидарноста и засилување на можноста преку запишување во Националниот дарителски регистар, дарувајќи коскена срцевина секој да може да се понуди да спаси човечки живот. Има граѓани кои доаѓаат на Клиниката и прашуваат каде да се јават да даруваат крв. Сега нашите пациенти со малигни заболувања на крвта на кои им е неопходна несродна трансплантација имаат можност да добијат коскена срцевина од повеќе од 30 милиони дарители во светот, бидејќи сме во системот. Исто така, и нашите потенцијални 1.500 типизирани донори можат да ја даруваат драгоцената течност и да спасат живот на пациенти од земјата или од странство, а даруваната крв се обновува за две недели – нагласи д-р Пановска Ставридис.
Клиниката утре и задутре во Скопје организира работилница „Идни перспективи и предизвици“ на која ќе учествуваат врвни светски хематолози и трансплантолози, како проф. д-р Мохамед Мохти од Универзитетот Сорбона, проф. д-р Кристина Питерс од болницата „St. Anna Children’s“ од Виена, проф. д-р Радован Врховац од Клинички центар Загреб, проф. д-р Матијаж Север од Клиниката за хематологија од Љубљана, како и лекари од земјава.
Трансплантација на коскена срцевина како тераписка метода за пациентите со малигни заболувања на крвта е воведена на Клиниката во 2000 година, а до денес се направени повеќе од 500 интервенции, лани имало 57.