Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека назначувањето на Метју Палмер за специјален претставник на САД на Западен Балкан не е изненадување и дека со тоа Вашингтон сакаат на Балканот да се изгради регионален мир и стабилност.
– Тоа е само знак дека САД сакаат на некој начин да го официјализираат она што постојано го кажуваат за да поттикнат брзо решавање на проблемот односно сите страни на Балканот да градат регионален мир и стабилност, а дали ова е можно, ќе зависи од тоа кои ќе бидат клучните теми и дали ќе има притисок врз Приштина да ги укине таксите – рече Дачиќ за РТС.
Тој истакна дека Палмер е добро запознаен со состојбата во регионот и истакна дека е оженет со белграѓанка, но дека не знае колку ова е предност за Србија, а колку е неповолно, бидејќи ќе мора да докажува дека не е пристрасен.
И претседателот на Косово, Хашим Тачи го поздрави именувањето на заменик помошникот државен секретар во Стејт департментот Метју Палмер за специјален претставник на САД за Западен Балкан. Тачи преку својата страница на Твитер изрази задоволство заради, како што вели, јакнењето на американската улога во регионот.