Датум имаме, а за ум – ќе видиме!

Исходот од Луксембург не смее да се доживее како „казна“, а уште помалку како „непринципиелност“ на европските лидери. За сработеното добивме награда, датум за преговори, но за доцнењето со реформите добивме шлаканица, домашна работа и рок. Чесно!

4950

Точно е, немаме „чист“ датум за почеток на преговорите со Европската Унија, но сепак имаме датум – во јуни следната година, Македонија ќе почне да преговара за членство во елитното друштво, ама само ако ги исполни прецизно поставените услови од министерскиот состанок во Луксембург.

Читам, во дел од медиумите и на социјалните мрежи, според веќе востановената пракса на безразложни обвинувања и неоправдана апологија и фалбаџиство, наголемо се расправа за тоа дали Македонија добила или воопшто не добила датум. А и двете страни во „дебатата“ тешко се помируваат со фактот дека овој исход, кој веројатно ќе биде потврден на претстојниот самит на ЕУ, е реален одраз на достигнувањата на нашата земја на патот кон Европа.

Како и да е, фокусирањето на дилемата дали воопшто е утврден датум за почеток на преговорите е само евтин политички спин. Датум е утврден и тој факт е награда за земјите апликанти, при што во случајот на Македонија, за тоа несомнено најзаслужни се напорите на македонската Влада конечно да ги затвори споровите со Бугарија и со Грција. Но, датумот (јуни 2019 година), сам по себе, нема да значи ништо ако земјата не ги засили реформските процеси, кои се директен услов да се активираат преговорите меѓу Скопје и Брисел.

Ова не смее да се доживее како „казна“, а уште помалку како „непринципиелност“ на европските лидери. Напротив, поставените услови треба да се сфатат како поттик во еден кус период од 12 месеци, Македонија да направи клучни исчекори во областите во кои реформите неоправдано доцнат. Можеби ова звучи како гола флоскула, но станува збор, сепак, за гола вистина. Без поттик од надвор, јас не верувам дека ќе се прославиме како „реформисти“.

Треба да бидеме малку повеќе објективни кон она што (не) е сработено во претходните 12 месеци од оваа влада и во годините пред тоа – реформите доцнат, иако секогаш мудро велиме дека тие се во наш интерес. Зошто доцнат? Можеби најдобар одговор на ова прашање е еден кус пост на Фејсбук што го прочитав денеска: „Да сме ја решеле корупцијата директно задира во нашиот идентитет“.

Ете затоа, да бидам искрен, јас се радувам што ЕУ од нас бара итно да испорачаме реформи во правосудството, изборни реформи, реформи во јавната администрација, реформи во медиумите, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, но и истраги, обвиненија и правосилни пресуди за корупција и организиран криминал, вклучително и оние на високо ниво. Па навистина, до кога ќе додаваме гас со менувачот во лер и при тоа уште ќе се фалиме колку успешно „возиме“?

И уште нешто. Ако Македонија ги исполни задачите прецизирани во заклучоците од Луксембург, тоа ќе ѝ обезбеди т.н. низок старт во преговорите. Едноставно, со завршена домашна работа, ќе се преговара полесно и побрзо. Затоа, наместо јалови дебати за тоа што е прво, датумот или реформите, јајцето или кокошката, сега владата на Заев треба сериозно да си ги засука ракавите и да граби напред. Реформите се болни, но неизбежни. Ако сакаме да нè биде…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...