Датум за севкупна европска свадба

527

Настрадин Оџа: (од под чалмата, му ги подава мустаќите на Рафаел Камхи). Повели Јудах Мозес, ги заслужи.

(Јудах Мозес бен Москони ги зема густите и оштри мустаќи, и со гордост ги става под гордиот орлов нос, и продолжува како Рафаел Камхи).

Рафаел Камхи: Во оваа поодмината ера на турски телевизиски серии, каде секое женско во Македонија сонува за машки бркови, дозволете да ви раскажам за една солунска случка која започнува во Богданци. Да, градчето до Гевгелија. Јас тогаш живеев во балканскиот Ерусалим, Солун, кој тогаш броеше триесет и две синагоги, триесет и две џамии и осумнаесет цркви. Јас живеев веднаш до битолската синагога. Во центарот на случката е Стефана, младо моме од Богданци, кое на 6 мај 1876 година, патува со воз од Гевгелија за Солун, каде што од локалната османска власт треба да земе валиден документ кој потврдува дека по своја волја одлучила како Хрисавѓи од охридската песна за Осман Бегот. Но, како и во секоја турска, шпанска, грчка, француска, индиска или нигериска телевизиска сапуница, така не мислела нејзината мајка. Мајка ѝ на Стефана, дошла од Богданци во Солун за да ја спречи својата ќерка да менува вера. Во тргањето и дрпањето на фереџето од главата на Стефана мома, од Богданци, настануваат немири по солунските улици, и како најдобар и најубав пример и доказ дека Солун е вистинскиот Балкански Ерусалим, верските и национални поделби на солунската македонска овошна салата завршуваат со многу тепачки и осум убиени. Шест солунски муслимани се казнети со бесилка, затоа што биле осудени за главни виновници за убиствата на германскиот конзул Ерик Абот и францускиот конзул Жул Мулин. Сите светски весници известуваат за случката со Стефана, мома од Богданци, која беше причина и себеп за раздвижувањето на француската флота, италијанската и руската флота, кој беа спремни да го нападнат Солун, поради насилството кое го извршија солунските муслимани врз солунските христијани.

Итар Пејо: Пријателе Рафаел, зборуваш за солунските муслимани и за солунските христијани. Што се случуваше со вас, со солунските евреи, кои бевте 53% од солунското население, бевте мнозинствo.

Рафаел Камхи: Ние бевме уплашени од можната војна.

Настрадин Оџа – итар мој пријателе Пејо. Чудна работа со нашиот пријател на масава. Веднаш, само што ги стави мустаците и стана еден од најистакнатите ВМРО-вци, битолчанецот Рафаел Камхи познат по прекарот Скендербег, веднаш им се заканува на амбасадорите во Скопје. Прави листа со нивни имиња и слики, како таа зимска вечер на долгите ножеви во 2016 година.

Рафаел Камхи: Те молам ефенди Настрадин, немој да ме судиш предвреме. Јас, Рафаел Камхи од Битола, ќе земам празно шише од минералната вода пелистерка. Со тоа шише, ќе одам во француската амбасада да побарам вода за жедни. Со таа вода ќе ги поливам гробиштата на француските војници во Скопје и Битола, да знаат дека животот не го дадоа залудно. Како што Наполеон имаше намера да ја покори и освои цела Европа, за цела Европа да биде Париз, така и тие војници ги положија своите животи, за цела Македонија и сите нејзини жители, еден ден, овој кој што ни се насмевнува, целата географска Македонија да се обедини во заедничката Европска Унија. Ако Француската Република не гласа за датум за преговори за Република Северна Македонија, и после Преспанскиот Договор… тогаш тие нема да нѐ изневерат нас, преуморените и жедни за француска демократија, нас македонските граѓанки и граѓани, туку Француската Република ќе ги изневери своите француски војници кои почиваат во македонската почва.

Настрадин и Итар Пејо не рекоа ништо. Разбрав дека ме чекаат да продолжам. Тогаш, го извадив резервниот мозок, мобилниот телефон од џебот. Директно се поврзав на јутјуб. Напишав, сиен драхмас ал диа. (Заработувам сто драхми на ден, кажи и на мајка ти, има свадба Македонија).

https://www.youtube.com/watch?v=O2siNjpiyKY

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...