Го пиевме чајот во тишина. На една охридска маса во „Аквариус“, бевме седнати Итар Пејо, Настрадин Оџа и јас, во улога на Јудах Мозес бен Москони.
Итар Пејо: Јудах Мозес бен Москони, време е да ни кажеш за датумот. Дали Македонија ќе добие датум за пристапни преговори со Европската Унија? Не знам зошто, но се сетив за еден заборавен охридски изум. Во повоената и предвоената кафеана „Велика Србија“ наспроти охридскиот чинар, некој измислил оригинален начин за јавно, но сепак скришно пиење ракија. Како да бидеш муслиман и истовремено да пиеш ракија додека го гледаш како расте чинарот? Едноставно. Скиснуваш леблебии во ракија и утредента ги јадеш. Значи хем јадеш леблебии хем пиеш ракија. Човекот има фантастичен ум. Некој станува Никола Тесла, бидејќи размислува за науката и струјата, а некој друг измислува како да јаде леблебии и да пие ракија истовремено. Едниот ум е паметно употребен, другиот ум е паметно злоупотребен.
Јудах Мозес: Тоа треба да го прашаме директно францускиот амбасадор, кој треба да го праша својот претседател Макрон. Сигурен сум дека претседателот Макрон знае дека дојде време да му се помогне на балканскиот Ерусалим, на Солун.
Настрадин Оџа: Мислиш ли дека е фер и исправно, од сите земји од Европската Унија, да ја издвоиш Франција како главна во давање или не на датум за пристапни преговори? Што е пак со Холандија?
Јудах Мозес: Ние охриѓани имаме одлични односи со Холандија, иако го урнавме хотелот „Инекс Горица“ и ја изоравме нивата полна со лалиња, сепак холандските туристи сѐ уште доаѓаат во Охрид, сѐ уште се фаќаат и се плеткаат во ората по нашите охридски свадби, и одат десно кога ние одиме лево, но после неколку скиснати леблебии и холандските гулден туристи почнуваат лесно да бројат четири чекори напред, два чекори назад. И така, тро напред, тро назад, лека полека, секоја охридска свадба, без разлика колку Холанѓани ќе се плеткаат во орото, накрај се завршува успешно. На крајот, секој охридски зет успешно пристигнува до својата невеста, како и охридските јагули до Саргасовото море и назад. Холанѓаните јадат охридска риба со децении и сѐ уште оставаат холандски гулдени и тазе отпечатени евра од успешната Европската Унија. Холандија ќе гласа за Република Северна Македонија заради Охрид и заради Охридското езеро, и заради тоа што ние охриѓани ја изоравме нивата со преубавите лалиња во „Инекс Горица“. Со децении, со стотици охридски бавчи се посадени со холандски тулипани или холандски лалиња, токму поради овој момент, за преку тие лалиња да ја замолиме неговата екселенција, холандскиот амбасадор да ја советува својата влада, и да инсистира да не ја мешаат Република Северна Македонија со Република Албанија. Република Албанија е среќна држава, затоа што има излез на Јадранско и Јонско море, а што е поважно од тоа, има и излез на Охридско Езеро, ама без охриѓани. Среќни луѓе, к’сметлии.
Итар Пејо: Значи ти, Мозес, мислиш дека главната пречка за Македонија е францускиот амбасадор и неговата Република Франција.
Настрадин Оџа: Итар мој пријателе Пејо, Мозес не мисли, туку тој јавно го потврдува тоа што и ти и јас го мислиме. Прстот оди кон Франција.
Итар Пејо: Ха ха ха. Настрадине, восхитен сум колку брзо напредува нашиов Мозес. Да му ги дадеме и мустаците од битолчанецот?
Јудах Мозес бен Москони: За кој битолчанец зборувате? За охридскиот битолчанец од Костурско, професорот Торков или за битолскиот Рафаел Камхи Скандербег кој живеел во Солун а бил спасен од Треблинка преку интервенцијата директно од Софија?
Итар Пејо: Настрадине, дај му ги те молам и брковите, Јудах Мозес заслужи да се унапреди еволутивно, и од охриѓанец да стане битолчанец. Заслужува да биде охридски конзул во Битола, и со пајтон да се прошета по битолски широк сокак.
(продолжува)