Датум

Одлуката не е наша. Таа е од областа на „надворешната политика“, а „надворешна“ значи дека, во крајна линија, немаме влијание врз исходот од политичката дебата и ставот на една суверена држава, чии последици, сепак, ќе ги почувствуваме.

2206

Во светот на меѓународната политика, како во светот на домашната политика, сѐ е политика. А што е политика? Дефиницијата од речникот вели: тоа се активностите врзани со управувањето на една држава или на еден нејзин домен, особено дебатата помеѓу партиите кои ја имаат моќта. А што е надворешна политика? Тоа е политика на една суверена држава во интеракција со други суверени држави.

За да добиеме датум, треба да се поклопат дебатите во политиките на Северна Македонија и оние во земјите членки на ЕУ. Горлчивото искуство со Грција околу нашето членство во ЕУ, ни покажа што значи само една држава да има резерви или да е против. Тогаш, имено, нема датум. Каков ќе биде исходот од дебатата меѓу партиите во Франција, Германија или Холандија,на пример, допрва ќе дознаеме.

Нашата политичка дебата вели дека ние заслужуваме датум за почеток на преговори со ЕУ и имаме многу аргументи кои ни се признаваат и во последниот извештај на Европската комисија. Ова не е истата земја од пред двеипол години. Има значајни промени на подобро. На прво место е решавањето на тридеценискиот спор со Грција, колосално остварување на политичарите на двете балкански држави, поддржани од Западот, спротивно на сите прогнози и напори на домашните ултранационализми. Значи, договорот од Преспа требаше широко да ни ги отвори вратите кон членство во ЕУ.

Сепак, не мора да биде сосема така. Ова не е време кога Сталин, Черчил и Рузвелт со пури и со чаша бурбон, ја цртале картата на светот и сферите на влијание онака како што мислеле дека треба да биде, ќе забележи Барак Обама, поранешниот американски претседател. Модерното демократско време го карактеризира инволвирање на народите, кои, преку своите партии, учествуваат во носењето на надворешно-политичките одлуки. Тоа знае да ги компликува работите.

Резултатите од последните избори за европскиот парламент не зборуваат за некој фантастичен успех, иако не и за неуспех на францускиот претседател Емануел Макрон, кој стави сѐ на картата на обединета Европа. Популистите на Мари Лепен за процент-два победија во овој натпревар правејќи го исходот од „македонската дебата“, доколку воопшто ја има, помалку неизвесен.

Да се жалиме на Америка? Америка нѐ внесе во НАТО, но нејзиното влијание врз Франција е мало. Кога, при посетата на Белата куќа и разговорот со советникот за национална безбедност генералот Брент Скокрофт и државниот секретар Лоренс Иглбергер, претседателот Глигоров побара посредништво на САД кај Французите околу членството на Македонија во ОН, Иглбергер промтно одговори: „Подобро за вас е да не интервенираме, зашто Французите прават сѐ спротивно од она што ќе им го кажеме“.

И тоа е дел од односите меѓу државите. Згора на ова, за претстојната одлука за датум не ни оди во прилог отсуството на Велика Британија која по правило била за „проширување“ на ЕУ, наспроти францускиот став за нејзино „продлабочување“. Имено, познато е дека во тоа политичко „пазарење“ помеѓу Британците и Французите, се формулирала и заедничката политика на Унијата. Денес строгите француски критериуми се доминантни и нивната позиција единствено може да ја ублажи политиката на Германија, донекаде, оти сепак се работи за две големи сили кои имаат сопствено видување на европските интеграции.

Парадоксално, но она што може да не ни оди во прилог за добивање датум за преговори е објавувањето на „Француската стратегија за Западен Балкан“, само еден ден по Берлинскиот самит неодамна организиран од Германија и Франција. Со планот, Франција предвидува зголемена иницијатива за стабилизирање на шесте држави на регионот преку економски и општествен развој и јакнење на владеењето на правото. За таа цел стратегијата предвидува зајакнување на односите на Франција со регионот: билатерална соработка со земјите на планот на економијата, безбедноста, правдата и одбраната и ангажман на Француската агенција за развој во промоција на економската интеграција меѓу балканските земји.

Стратегијата е детално елаборирана и од неа нема отстапување. Иницијативата, која треба да го прошири француското влијание на Балканот, притоа, може да ни биде од голема полза. Но, она што останува како непознаница е дали француската политика на Стратегијата гледа како на  замена за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, или како на комплементарна со преговорите. Значи, не или-или, туку и-и: и преговори за членство и стратегија. Имено, Франција да гласа за отпочнување на преговори кои ионака ќе траат најмалку 8 години, а во меѓувреме да ја активира својата стратегија, која може да биде од голема помош во остварувањето на реформите на Балканот и во нашата земја.

Логично, ние во Македонија посакуваме да биде токму така. Конечно, Србија и Црна Гора, опфатени со планот на Макрон, паралелно водат преговори за членство со Унијата, па никаков преседан не би се направил ако нашата држава добие датум и биде опфатена од планот на Макрон. Но, одлуката не е наша. Таа е од областа на „надворешната политика“, а „надворешна“ значи дека, во крајна линија, немаме влијание врз исходот од политичката дебата и ставот на една суверена држава, чии последици, сепак, ќе ги почувствуваме.

(Преземено од Инбок 7)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...