Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за банките беше тема на денешната средба на претставници на Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Македонската банкарска асоцијација.
При тоа, како што соопштија од Министерството за финансии, бил прецизиран текстот на Законот.
На средбата е заклучено дека УЈП и со сегашниот закон добива податоци за сметките на граѓаните на писмено барање.
– Со промените би се добивала само приходната страна по автоматизам, за останатите податоци Управата и понатаму ќе мора да поднесе писмено барање. Трошењата на граѓаните и состојбата на сметката не и се потребни на УЈП за изработка на претпополнетата даночна пријава – појаснуваат од Министерството за финансии.
Дополнително се појаснува дека податоците кои ќе ги добива УЈП ќе бидат „енкриптирани“ со цел да се заштитат личните податоци на граѓаните.
– Ова ниво на заштита е повисоко и од актуелното. Во насока на заштита на личните податоци, веќе се подготвуваат промени во Законот за Управата за јавни приходи – тврдат од Министерството за финасии.
Промените на Законот за банки ќе стапат на сила од почетокот на 2019 година, бидејќи се потребни за изработка на претпополнетата годишна даночна пријава.
Од Министерството за финасии подвлекуваат дека нема никакви промени кај третманот на дознаките од странство.
– Ова значи дека и понатаму ќе се применува постоечкото законодавство, според кое, приливите по основ на лични трансфери, помош и подароци не се оданочуваат со персонален данок на доход – велат од Министерството за финасии.