Даниелсон: Референдумот ќе ја креира иднината на следните генерации

179

На 30 септември граѓаните ќе направат избор што ќе ја оформи иднината на вашата земја и тој избор ќе има последици за идните генерации. Ве повикувам да го искористите вашето демократско право и да гласате на претстојниот референдум.

Ова денеска го изјави директорот на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија Кристијан Даниелсон на отворањето на серијата дијалози со граѓаните „Замисли иднина заедно“.

Тој упати честитки до премиерот и до македонските институции за постигнување на Договорот со Грција за решавање на прашањето со името што, според него, го отвора патот на земјава кон Европа.

Во врска со стартот на денешната кампања на Делегацијата на ЕК во Македонија, Даниелсон рече дека граѓаните се во основата на оваа идеја, но, како што кажа, самиот рбет да се спроведат овие дијалози се општините кои треба да ги обезбедат вистинските услови справувајќи се со реалните проблеми на граѓаните.

Премиерот Зоран Заев на почнувањето на кампањата рече оти ова не е ниту прва, ниту последна кампања на ЕУ во земјава и е една од низата со кои нашите европски пријатели и партнери нѐ потсетуваат дека имаме заедничка сегашност која ја градиме веќе две децении на патот до нашето полноправно членство во Унијата.

– Република Македонија го направи изборот. Избра иднина наместо неизвесна и бесмислена изолација. По првпат во својата историја Македонија седна на маса како рамноправен партнер за да преговара и да одлучи за својата иднина. Тоа досега не се случило. За нејзината иднина се одлучувало без нејзино присуство. Ние рековме не за нас, за нашата иднина ќе разговарате со нас – рече Заев.

Тој посочи дека наспроти заканите покажале храброст, достоинство и политички став и оти признанијата потоа дошле и како датум за преговори со ЕУ и како покана за завршниот процес за пристапување кон НАТО.

Заев потсети дека од 2007 до 2020 вкупната годишна ЕУ помош за Македонија изнесува над 90 милиони евра.

Тоа се 260.000 евра дневно, 15,5 милиони евра годишно влегуваат за Македонија преку ЕУ-програмата за транспорт, граѓаните на ЕУ издвојуваат 8,5 милиони евра европски пари за заштита на границите на Македонија за 2018 за нашата безбедност. Петнаесет милиони евра европски пари се планирани за земјоделството за 2019, додека 18 милиони евра во 2020 за реформи во правосудството и во полицијата во земјава. Заев додаде дека на претстојниот референдум ќе се направи последниот чекор за да се заврши изградбата на земјата според европските правила и на 30 септември граѓаните да ги обедини мудроста.

Евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар рече дека преку ЕУ фондовите во изминатите 20 години се внесени една милијарда евра европски пари преку проекти што генерирале огромни резултати.

– ЕУ работи како партнер за да се подобри животот на сите граѓани. Преку овие активности секој граѓанин може да даде свој придонес на промената што сака да ја види во својата општина. Можеме да ја замислиме нашата иднина заедно. Ќе им докажеме на граѓаните дека нивниот глас се смета за важен. Наша цел е да слушаме и да разбереме – рече Жбогар на формалното отпочнување на кампањата на ЕУ – дијалози со граѓаните.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...