Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев денеска ги отфрли твдењата дека опозициските пратеници го блокираат носењето на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Данев, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека опозицијата нема намера да го блокира законот за медиуми, кој беше најавувано дека ќе се носи консензуално, обвинувајќи дека „СДСМ сака да го протурка на сила во Собранието“.
– Законот за медиуми на матичната комисија е ставен на дневен ред неколку пати и се расправа за амандманите поднесени и од опозицијата и од владејачкото мнозинство. Што се однесува до амандманите на опозицијата, тоа се веќе апсолвирани факти од јавните расправи на стручната јавност и апсолутно ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата нема намера да го блокира законот за медиуми, кој впрочем беше најавуван дека ќе се носи консензуално но гледаме дека СДСМ сака да го протурка на сила во Собранието – рече Данев.
Според него, вчерашната порака на ЕУ јасно и гласно ги потврдила тврдењата на опозцијата дека на Република Македонија не и требаат „нови и нови закони“ туку дека треба една вистинска реформа на институциите.
Во однос на менувањето на првиот човек и членови на Агенцијата за медиуми, Данев рече дека тие како и членовите на други регулаторни тела не треба да се менуваат со закон.
– Тоа е лоша пракса во Република Македонија – смета координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.