Актуелната Влада покажа и докажа дека нема капацитет за водење на институции и наместо да решава проблеми на граѓаните, работи исклучиво за своите партиски и лични интереси, рече шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев на собраниската седница за доверба на владата.
– За задржување на климавата коалиција со ДУИ, за да останете на власт ги подривте националните и државните интереси. Повеќе нема демократија во РМ, премиерот и министрите во исто време се политичари, судии, обвинители и бизнисмени. Ги партизирате сите институтции, се бркаат од работа и се деградираат професионалци. Судството е заробено, се кршат Уставот и законите, што се покажа со носењето на законот за јазиците. Дојде живот само за владините и партиските функционери на СДСМ – рече Данев.
Тој додаде дека премиерот Зоран Заев е предводник на најнеспособната, нејнеработливата и најкриминалната влада во македонската историја.
Додаде дека во изминатите десет месеци владејачките партии заборавиле на предизборните партиски програми и ветувања кои ги дале пред граѓаните и не оствариле ниту еден единствен проект и реформа со кои ја барале довербата од граѓаните. Според него, незадоволни од владата се пензонерите, лекарите, младите, старите…
Како погубни се оценети и економските политики и планот „3-6-9″ и се обвинува Владата за класично распродавање и негрижа за прашањата од национален интерес.
Барањето за гласање доверба на владата е поднесено од 42 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу потписниците е и Иван Стоиљковиќ од ДПС.