Дангов: Уважената Лиле Стефанова веќе не може да го застапува „Титаник“

964

Aдвокатот Димитар Дангов побара судот да го запре процесот за случајот „Титаник“ , бидејќи шефицата на СЈО, Катица Јанева, e во притвор, а поради тоа, како што вели тој, останатите обвинители немаат надлежност повеќе да ги застапуваат обвиненијата.

– Јанева е единствено надлежна да го застапува секој кривичен предмет на СЈО, па поради тоа, со респект кон уважената обвинителка Лиле Стефанова, кон која сите во салата имаат голема почит, сепак морам да кажам дека истата нема право да го застапува предметот, поради притворот на Јанева. Нејзиното доаѓање го сметам како можност да види што ќе се случи. Уважената Стефанова не може да има повеќе права од Јанева и да го застапува обвинението – рече Дангов.

Според него, постои опасност Јанева да стори кривично дело и во овој кривичен предмет, односно постои страв да не го повтори делото.

Обвинетиот Илија Димовски побара да се прекине главната расправа сѐ додека не се реши постапката во Советот на јавните обвинители и во Собранието за наследник на Јанева и ситуацијата во СЈО.

– Предлагам судот да донесе решение до завршување на постапката на Советот на јавни обвинители и Собранието, и доколку одлуките бидат негативни по Катица Јанева, судот да ја прекине расправата – изјави Димовски.

Претседателот на судечкиот совет Осман Шабани, даде половина час пауза, по што Судот ќе се произнесе по барањето.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и досега се изведени околу 4.700 од вкупно 5.900 материјални докази предложени од СЈО.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...