Универзитетскиот професор Нано Ружин тврди во колумната „Груевски, Иванов и Мицкоски – два антички и еден епски трагичар“ дека тие три лика од нашата бербат-политика се модерна верзија на ликови од античките трагедии: „Иванов – антички лик“; „Тој себеси се доживува како лик и херој од античката трагедија“; „Слично на античкиот трагичар.“ Така Нано! Јас не мислам така. Јас мислам дека станува збор за друго кое заслужува осуда и презир. Не сочувство кон жртва на безмилосна коб од античка трагедија. Осуда и презир! Зошто?
За да биде некој човек од благородно потекло трагична фигура како што е обично во античките трагедии, мора да исполнува два клучни услова: 1) да има избувлив карактер кој се пали лесно и брзо како слама, човек со „краток фитил“ како што се вели денес и 2) да стори некоја тешка неправда (зло) „во состојба на незнаење“ – anagnorisis кај Аристотел.
Во наше време тој anagnorisis се вика „недоразбирање“ – malentendu кај Ками. Тоа „недоразбирање“ има директна врска со една теорија на Достоевски. Таа вели дека нема автентична комуникација меѓу двајца луѓе. Во наративна форма, тоа го вели во новелата „Кротка“. За таа работа зборува писателот Фј. Михаилович и во својот „Дневник писателя.“ Таму се повикува на аргументот дека една автентична комуникација подразбира „стопување“ на еден со друг што е неможно. Потоа, ако е можно, нема ни потреба од – „комуникација.“
За да се одговори добро на тоа прашање треба, значи, да се провери дали актуелниот претседател Иванов и некогашниот премиер се политички фигури со „краток фитил“ кои, во „состојба на незнаење“, сториле тешки злосторства, врз основа на што може да се оквалификуваат како двајца „антички трагичари“ како што тврди (иако патем) професорот Ружин во неговата колумна.
Има многу детали од нивната политичка практика кои потврдуваат дека се навистина луѓе со „краток фитил“. Има, исто така, не помалку кои зборуваат за тоа дека се примитивни, диви егоисти. Тие точно знаат што прават. Тоа што го прават го прават при полна свест, смислено. Вовлекуваат многу други во тоа што го прават, за да им посалужат како жив штит и алиби во некое (евентуално) време кога ќе треба да плаќаат за тој примитивен, див егоизам.
Кои се доказите за тој егоизам? Дали, на пример, Груеску во наплив на пороен гнев им заповеда на други „пет-шест шамари, јаки“ за градоначалник кој му загрозува некои валкани, криминални зделки или тоа го планира трезвено? Дали тој не знае што прави кога бара со динамит („да не го тупиме!“) да се урне инвестиција на Ф Цаноски од 60-тина мил. евра? Тој сышел с ума (избезумен) кога ја подучува Г. Јункуловка како да го „изменаџира“ убиството на Мартин Нешковски или пак тоа го прави при здрав разум? Во сите тие случаи како и во многу други тој е далеку од наплив на пороен гнев во комбинација со „незнаење“ за да може да се нарече „антички трагичар.“
Потоа, дали постапката на претседателот на РМ Иванов кој долго време одбиваше да му даде мандат за образување влада на Зоран Заев откако дојде до парламентарно мнозинство е постапка во наплив на гнев, увод во „крвавиот четврток“ од 27. 04. 2017? Дали неговата славна аболиција на 50 и кусур луѓе под истрага на Специјалното на Јанева е направена во „состојба на незнаење“ или слаб, лош увид во “Уставот и законите“ на РМ што би било крајно чудно за еден доктор на правни науки како Иванов? Дали отворениот повик на бојкот на неодамнешниот референдум, згора на тоа од говорница на ООН, кој загрозува иднина на земја е направен во наплив на гнев во комбинација со незнаење или, напротив, смислено и при полна свест? Во сите тие случаи како и во многу други Иванов работи трезвено и плански, во тандем со Груеску и затоа не може да се нарече трагична фигура од античка трагедија.
Многу поточно е да се наречат и двајцата ладнокрвни криминалци кои добро знаат што прават: дека и двајцата се наполно свесни кога со две нозе газат основни морални начела; дека кршат куп природни и социјални закони кои ги водат кон долги години робии; дека прават сè што е во нивна моќ за да ја избегнат евентуалната казна ако сето тоа (не-дај-боже!) се обелодени. Ама, ете, и тоа стана благодарение на Костовски, Лазаревски, Верушевски и Заев.
За љубов на вистината, Иванов сѐ уште не е под некоја истрага поради неговата „спектакуларистичка“ амнестија (талент од Советот на обвинители, “забравих му името“), ни за онаа ѓутуре-амнестија, ни за она одбивање да му даде мандат на оној што дошол до парламентарно мнозинство, ни за оној јавен повик на бојкот на референдум од говорница на ООН. Што не значи дека, во догледно време, нема да – биде. Откако ќе му заврши мандатот.
Зад нивните криминали од позиција на власт се крие примитивен, див егоизам кој си има и свој длабински мотив. Тој мотив е далеку од тоа да ги фрли во архајски гнев (orge) кој води кон убиство на човек од иста крв, „во состојба на незнаење,“ како што е кај ликовите од античките трагедии кои будат жал и страв – eleas kai fobos. Напротив! Криминалните на Иванов и Груеску од позиција на власт будат бес, осуда и презер. Затоа и не можат да се оквалификуваат како трагични фигури, жртви на безмилосната коб. А за оној Мицко – другпат.
,