ЕУ се обидува со дипломатски финеси да спречи фијаско на Самитот за Западен Балкан, кој неделава треба да се одржи во Софија. Во моментов, сите сигнали упатуваат на можна конфронтација, оценува агенцијата ДПА.
Кавгата околу статусот на Косово ги засенува подготовките за Самитот ЕУ-Западен Балкан. Проблемот е во тоа што пет земји-членки на ЕУ не ја признаваат еднострано прогласената независност на Косово во 2008 година и сакаат тоа јасно да го стават до знаење и на Самитот во Софија. Ништо не смее да биде интерпретирано на начин кој би укажувал дека независноста на Косово е општо прифатена.
За да го истурка Самитот според првичниот план, ЕУ сега се обидува да го реши проблемот со дипломатски акробации. Па така, во завршната декларација од состанокот ќе треба да се говори за „партнери од Западниот Балкан“, а не за „држави од Западниот Балкан“, дознава германската агенција ДПА, од извори во ЕУ.
Дополнително, местата одредени за шефовите на држави или влади ќе бидат одбележани со нивните лични имиња, а не со имињата на државите кои ги претставуваат.
Со ваквите решенија, организаторите се надеваат дека ќе успеат да го спречат најавениот бојкот на земји како Грција, Романија, Кипар и Словачка, кои не ја признаваат независноста на Косово. Шпанскиот премиер Мануел Рахој, според најавите на дипломати, веќе решил да не учествува на Самитот.
Во Мадрид велат дека Рахој не сака да дозволи да биде фотографиран во близина на косовскиот претседател, поради проблемите со сепаратистичкото движење во Каталонија.
Според изворите на ДПА, од самитот не се очекуваат никакви конкретни резултати. Речиси е исклучено дека државите од Западниот Балкан од шефовите на држави или влади на ЕУ би можеле да добијат конкретно ветување за влез во ЕУ.
Европската Комисија во својата неодамна објавена Стратегија ја наведе 2025 година како можен датум за прием на земји од Западниот Балкан, но веднаш се соочи со остри критики. Критичарите сметаат дека овие земји се многу далеку од исполнување на критериумите за влез во ЕУ