Дали прогресивниот данок ги натера работниците да отворат сметки во соседството?

Вкупно 51 отсто од анкетираните 200 компании на темата,  се изјасниле дека прогресивното оданочување од 18 отсто не влијаело на зголемување на трошоците. Останатите 49 отсто од компаниите се изјасниле дека повисоката стапка на пресоналецот влијаела на трошоците на работење и деловните планови.

1030

Бизнисмените не се сигурни како врз нивното работење се одразила зголемената стапка на персонален данок, но затоа се сигурни дека договорите на бруто плата со вработените ги спасија од дополнителни трошоци. Ова може да се заклучи од анкетата направена од Стопанската комора поврзана со првичните ефекти од воведувањето на повисоката стапка на персоналниот данок.

Меѓу 60 и 70 отсто од компаниите договорите за плата со своите вработени ги направиле со бруто износ, што како што беше речено на прес-конференцијата во комората, е европски тренд.

– Тоа значи дека плаќањето на персоналниот доход паднал на товарот на работниците, а не на компаниите – појасни Анета Димовска од Стопанската комора.

Димовска рече дека за да го одбегнат повисокиот данок што треба да го платат, дел од вработените, главно оние што имаат плата повисока од 90.000 денари, веќе отвориле сметки во соседните држави каде што даночните стапки за персоналецот се пониски од оние во земјава.

– Бараме државните институции да приберат податоци колку од вработените во периодот од воведувањето на повисокиот персонален данок отвориле сметки во земјите од соседството во Србија, Бугарија и Косово. Така ќе се види колку од планираните пари кои требаше да бидат собрани во Буџетот не завршиле таму – рече Димовска.

Според податоците на Стопанската комора ефектите од зголемениот персоналец врз буџетот не се на очекуваното ниво планирано од владата.

– Буџетските приходи по основ на данокот од доход за 7 месеци се зголемиле за 16 отсто на 10,3 милијарди денари споредено со претходната година, но нејасно е колку од зголемувањето е последица на прогресивното даночење во услови кога истовремено се регистрираше раст на платите и зголемување на бројот на вработени во земјава – рече Димовска.

Сепак, првичната анкета направена од Комората покажува дека 51 отсто од анкетираните 200 компании, се изјасниле дека прогресивното оданочување од 18 отсто не влијаело врз зголемување на трошоците. Останатите 49 отсто од компаниите се изјасниле дека повисоката стапка на пресоналецот влијаела на трошоците на работење и деловните планови.

– Во оние 51 отсто од компаниите кои се изјаснија дека зголемениот данок не влијаел на нивните трошоци спаѓаат компании од градежниот сектор преработувачката индустрија и компании кои работат во технолошко-индустриските зони, а тоа се сектори каде што се исплаќаат пониски плати или се примаат државни субвенции – рече Димовска од Стопанската комора.

Трошоците за плати, според анкетата, се зголемиле во ИТ секторот, финансиската дејност и осигурителните компании.

– Поради зголемените трошоци компаниите изјавија дека биле принудени да ги одложат планираните инвестиции, да го намалат бројот на вработени, додека во ИТ секторот и да ги зголемат цените на услугите. Тоа укажува на фактот дека бизнисите бараат предвиливи услови за работење – додаде Димовска.

За поцелосно согледување на ефектите од воведувањето на повисоката стапка на персонален данок, комората најави уште една анкета.

Прогресивното оданочување е воведено од почетокот на годината и сѐ уште нема анализа од институциите како тоа се одразило на државната каса.

Со оваа даночна реформа беше воведена дополнителна стапка од 8 отсто за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. За делот од доходот до 90.000 денари  даночната стапка остана на 10 отсто.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...