Дали политичарите размислуваат на пораз и додека се на власт?

1049

Многу често се користи поговорката „После битката сите генерали се умни“. Не верувам дека некаде е запишано кој бил авторот на оваа поговорка. Веројатно спонтано се наметнала. Иако истата е дадена во воен контекст (битка/војна/генерали), верувам дека авторот не ја имал во предвид само воената димензија, туку многу пошироко. Оттука, и мојата маленкост оваа мудрост ќе ја користи во најширокиот нејзин контекст. Исто така, смислата на „пораката“ ја разбирам во еден изведен контекст: имено, дека требало да се (у)кажува многу порано, пред некои работи да се одлучат или случат, а не отпосле.

Во историјата постојат многу примери каде и „добиените војни“ не биле гарант дека „генералите“ ќе ја добијат и заслужената слава и почит – како награда. Темата е повеќеслојна и секако подразбира дека секоја варијација (и пример) на темата подразбира и нејзина (по)детална елаборација.

Би можеле во историјата да се навратиме на многу конкретни примери, но во интерес на  просторот, да земеме само две светски познати личности (и една регионална).

Бизмарк (Otto von Bismarck) кој доминирал во германските и во европските прашања од 1860 до 1890 година и кој бил првиот премиер (канцелар) на германското царство, од 1871 до 1890 година. После многувековните неуспешни обиди, дури на Бизмарк му успеало да ги обедини стотина самостојни кралства во единствена држава. После смрта на царот Вилхелм I (1888) и кусото царување на неговиот син, Фридрих III, тронот го презема неговиот син Вилхелм II.

Канцеларот Бизмарк имал континуирани недоразбирања со Вилхелм II (противник на Бизмарковата внимателна надворешна политика), а конечната разделба во власта се случи кога Бизмарк се обидел да ги спроведе анти-социјалните (социјалистичките) мерки. Имено, Бизмарк бил загрижен поради подемот на социјалистичкото движење. Анти-социјалистичките закони (1878) биле драконски, но и покрај тоа бројот на социјал-демократите во Парламентот постојано се зголемувал (како независни пратеници). За да ги придобие на своја страна поддржувачите на социјал-демократите, Бизмарк во 1880 ја применил стратегијата на воведување на социјални бенефити. Коалиционите партии не му дадоа целосна поддршка, така што тој се обиде со Католичката центар партија да формира коалиција. Иако во парламентарните демократии премиерот има право во парламентот да прави ново парламентарно мнозинство, во Германија, меѓутоа, премиерот зависел од довербата од императорот. Тој претходно не бил известен за таквиот обид на Бизмарк. Тоа резултирало со оставка на 75-годишниот Бизмарк во 1890, на инсистирање на Вилхелм II . Така заврши извонредната кариера на обединувачот Ото фон Бизмарк, кој долги години раководеше со прашањата во големата и гламурозната држава која тој ја создаде.

Бизмарк починал во 1898 година. Иако бил познат и по неговиот негативен однос кон Балканот и Балканците, во своето предвидување, една година пред неговата смрт, се покажал и како визионер со изјавата: „Еден ден, големата европска војна ќе излезе од некоја проклета глупава работа на Балканот“. (Bingham, Colin (1982). Wit and Wisdom: A Public Affairs Miscellany. p. 118. ISBN 9780522842418.).

Би го спомнал и (добропознатиот) пример на еден од најголемите херои во 20-от век на В. Британија (и светот), Черчил (Winston Churchill) – војник, писател (Нобелова награда за литература 1953), политичар и премиер на Британија. Премиер, кој лично со својот ангажман придонел за поразот на Хитлер во Втората светска војна.

Но, само два месеца по капитулацијата на Германија, во 1945., поради поразот на неговата партија, Черчил мораше да се повлече од функцијата премиер. (Повторно стана премиер во 1951, но поради здравствени причини во 1955 се повлече од таа функција, отстапувајќи го местото на неговиот министер за надворешни работи и заменик премиер, Антони Еден).

Черчил останува во сеќавање по неговата изјава кога првпат настапи во парламентот како премиер и кога порача: ,„Немам ништо да ви понудам освен крв, труд, солзи и пот“. Поискрена и почесна изјава од политичар мислам дека не сум сретнал.

Заедно со Рузвелт беше авторот на „Атлантската повелба“ во август 1941 (основата за идната  ООН). Иако беше (голем) анти-комунист, во мај 1942 склучи „Англо-Советски пакт за взаемна помош“. Накусо: беше архитект на победата на сојузниците во Втората светска војна.

На домашен план изгледаше, од тие причини, непобедлив. Сепак, во изборите се покажа дека тој бил само „воен лидер“ а не и „партиски лидер“. Аналитичарите од тоа време кажуваа дека Черчил си бил самиот себеси најголемиот непријател. Лабуристите понудија подобра економска и социјална програма и Черчил и неговите конзервативци ги загубија изборите. Само два месеца беа потребни народот да ги заборави сите негови заслуги што нивната држава одолеа а потоа и победи во војната. Неговото повторно враќање на власт во 1955 сепак веќе не беше награда за неговата голема заслуга и „победа“, во Втората светска војна. На изборите во 1945, само два месеца по капитулацијата на Хитлеровата Германија, Черчил доживеа „пораз“.

Ако ги прескокнеме другите светски примери и се фокусираме на нашите реалности, лесно може да се дојде до една констатација која оди на линијата на поразот на „големиот генерал“ од Втората светска војна, Черчил. Имено, дека после „победата“ често следува „поразот“.

За овој релативно кус период на самостојноста на нашата држава проминентни политичари како Гошев, Кљусев, Црвенковски, Георгиевски, Трајковски, Бучковски, Груевски, Иванов, а сега и Заев, имаа, пред сѐ, на внатрешен план, доволно деликатни состојби и биле на позиции на кои по функција носеле одлуки. За наши услови, тешки одлуки. Секако, во ова наше, по многу линии поделено опшество, „победата“ за едните значеше „пораз“ за другите. Во секој случај се работеше за важни прашања за нашата држава и за граѓаните. Претседателот Глигоров, кој има исклучителни заслуги за нашата државност, не го спомнувам, бидејќи не влегува во контекстот на она што би сакал (кусо) да го елаборирам.

Останува на истражувачите да ги анализираат причините и последиците. Но, она што може (површно) да се заклучи е дека после секоја важна одлука или процес, партијата и лидерот ги губеле следните избори. Исклучок од тоа „правило“ имало само кога владеачката партија заигрувала на силна „националистичка карта“ (а можеби и на некои други инструменти).

Верувам дека сериозните партии (претполагам дека и нашите влегуваат во таа категорија) ги следат, преку своите аналитички служби, своите „рејтинзи“ и особено кога преземаат да реализираат сериозни и важни проекти. Прашање е само какви заклучоци извлекуваат за своето идно дејствување.

Партискиот или државниот интерес? Или, во кој сооднос?

По дефиниција, во парламентарната демократија основна цел на политичките партии е да дојдат и да останат на власт. Но, …

Во тој контекст вредно е да се спомене една ТВ дебата која деновивме ја гледаав на една регионална ТВ станица. Имено, еден од најблиските соработници на покојниот српски премиер Ѓинѓиќ, а по атентатот (2003) и го замени на премиерското место, З. Живковиќ, евоцираше разговори кои во 2002. ги водел со тогашниот премиер Ѓинќиќ. Се согласиле дека поради преземените реформи и промени во опшеството, изборите, кои требало да се одржат (дури!) во 2004, ќе ги загубат. Оттука, договориле, додека се на власт, да ги спроведат до крај сите потребни реформи за, кога пак ќе се вратат на власт, да имаат „чиста ситуација“. Искрено, бев изненаден од такво државничко гледање на работите. Дали вакво размислување (и одлуки), па нека биде и во тесен партиски круг, е можно и кај нас? Обично кај граѓаните постои уверување дека политичарите, кога ќе дојдат на власт, сметаат дека вечно ќе владеаат. Можеби и (некои) политичари така си замислуваат?

За волја на вистината, актуелниот лидер на владеачката партија во неколку пригоди, по разни прашања сврзани со владеењето, во ТВ камерите даде изјава дека е свесен дека тоа ќе имало влијание врз рејтингот на неговата партија. Дали со тоа даде на знаење дека е свесен за можниот резултат од претстојните (кога и да бидат) парламентарни избори, или, пак, во неговото традиционално „оптимистичко“ гледање на работите смета дека и покрај загубата на довербата кај одделни групи на граѓани, неговата партија ќе извојува победа на претстојните избори?

P.S. Иако од текстот е доволно јасно дека ова прашање се однесува на лидерството на партијата/ите, сепак да потенцирам дека истото не се однесува на (дел од) пониските ешалони на власта кои во голем дел ги имаат во вид (само) своите партиско добиени кариери и интереси (и привилегии) и логиката („народски кажано“): „Сега му е мајката!“. Од нив не очекувам „државнички однос“.  Таквите „кадри“ со своето однесување, пак, додека се „на власт“ придонесуваат на претстојни избори граѓаните да го менуваат својот однос и мислењето за актуелната власт. Впрочем, и нив ги избрале раководствата на партиите.  Оттука, почитувани „генерали“ и „генералки“ бидете мошне внимателни кога ги избирате вашите „полковници“, па сѐ до „десетарите“.

Ова порака е „пред битката“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...