Дали Србија ќе стави крај на дијалогот по приштинската Платформа за меѓусебно признавање?

„Целта на овој договор е решавање на сите отворени прашања, што им овозможува на двете држави да го признаат суверенитетот една на друга и да го отворат патот на Косово кон ОН и ЕУ”, се вели во документот.

1807

Косовското Собрание ја усвои Платформата на државниот тим за преговори со Белград, која предвидува постигнување сеопфатна и законски обрврзувачка спогодба за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Премиерот Рамуш Харадинај во своето обраќање на почетокот на денешната седница ја отфрли можноста изгласувањето на платформата да резултира со повлекување на одлуката за санкции кон српскиот увоз, останувајќи на ставот дека таксата ќе се укине тогаш кога Белград ќе ја признае независноста на Косово. 

Приштина со платформата усвоена за дијалог со Белград испраќа порака дека тоа е крај на дијалогот, изјави директорот на Канцеларијата за КиМ, Марко Ѓуриќ.

– Со усвојување на платформа во која се вели дека единствен можен исход од дијалогот е признавање, не третирајќи права и состојба на Србите, значи дека Приштина на тој начин испраќа порака дека тоа е крај на дијалогот – изјави Ѓуриќ.

– Одлуката на властите во Приштина ја става Србија во најтешка положба од 2011 година кога Албанците заедно со западни партнери ставија граница на Јариње и Брњак – рече Ѓуриќ и додаде дека претседателот на Србија Александар Вучиќ за утре наутро закажал итна седница на Советот за национална безбедност.

Платформата предвидува реципрочно признавање на Косово и Србија во рамки на постојните граници, почитување на правата на албанската заедница во Србија, решавање на сите отворени прашања со Србија, укинување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

Во неа се истакнува дека политички приоритет на Косово е да се постигне договор со Србија, што ќе му овозможи на Косово да напредува кон универзално признавање и членство во Советот на Европа, Европската унија и ОН.

„Целта на овој договор е решавање на сите отворени прашања, што им овозможува на двете држави да го признаат суверенитетот една на друга и да го отворат патот на Косово кон ОН и ЕУ”, се вели во документот.

Врз основа на наведените принципи, главната цел на Косово е да обезбеди Србија да го признае суверенитетот и независноста, со законски обврзувачки ветувања дека Србија ќе ги прекине сите активности што го попречуваат Косово во областа на меѓународно признавање, дека ќе го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Косово и ќе се откажат од спротиставување при аплицирање на Косово во меѓународни организации.

Се наведува дека нема да има никакви договори освен ако не се постигне општ договор.

Исто така,се истакнува дека конечниот договор мора да биде во согласност со Уставот на Косово, кој предвидува дека „суверенитетот и интегритетот на Република Косово е неоспорен, неотуѓив и неразделен”.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...