Кампањата за референдумот дали сме за НАТО и ЕУ или не, е во сите пори на нашето живеење. Сите дискутираат. Тема на денот е референдумот и надмудрувањата. Едни велат дека референдумот ни е последна шанса да нѐ биде или не. Други се против. Велат дека првите се предавници. Дека го продаваат името и државата. Како секогаш, едни со други се караат. Едните, СДСМ, се „предавници“, а другите ВМРО се „патриоти“. „Предавниците“ се за промена на името и за влез во НАТО и во ЕУ. Сакаат да бидат заедно со најсилните и најбогатите. Да ја изнесат Македонија од црнилата и да им обезбедат подобра иднина на сегашните и идните генерации. „Патриотите“, пак, ни дај ни придај. Името не даваме да се менува. Ако сака НАТО и ЕУ да бидеме со нив нека нѐ примат под уставното име Република Македонија. Поставуваат ултиматум.
Излегува како НАТО и ЕУ да нѐ молат, а не ние! Така им рекле. И така за инает на „предавниците“ прават. За да се покажат дека се „патриоти“ се откажаа и од парите за кампања. Со волонтери ќе ја воделе, но, не кажуваат кога ќе почнат.
Најголемите им велат Македонија да не ја испушта шансата. Зашто ако пропадне референдумот Македонија може и да не ја биде повеќе. Може, како некогаш, пак да биде прекројувана, делена! Соседот Грција сака компромис. Прифаќа само Република Северна Македонија.
Еден пријател и ме прашува: „Се чудам и не знам што да кажам. Преку глава ми се и „патриотиве“ и „предавнициве“. Се караат, а дали знаат, да му кажат на Македончево, дали ние ја молиме Епропа или Европа нѐ моли нас. Дали Македонија сака да влезе во НАТО и во ЕУ или пак Европа сака да влезе во Македонија?“.
Не знаев што да му одговорам на пријателот. Точно е дека околу три децении молиме да бидеме во НАТО и во ЕУ и сега кога ни даваат шанса, некои поставуваат услови. Како слеп за стап се фаќаме. Се чудам! Како никогаш не ни сметаше Народна, Социјалистичка, ФИРОМ, а сега наеднаш ни смета Република Северна Македонија!? Ќе сме го изгубеле името, идентитетот? Ни велат сѐ ни останува. Што сакаме тогаш!? Што „тиѓиња“ сме. Навистина не знам што да му кажам на пријателот. Што изроди сме! Им сметало зашто првата жена на Европа, Германката Меркер, доаѓа кај нас. Им сметал првиот човек на НАТО! Им сметал и Курц, некогаш нивен близок пријател! Сите им сметаат на „патриотите“.
Не знам дали оние првите на ВМРО знаат дека и без нив ќе се одржи референдумот. Ако успее и ако Македонија влезе во НАТО и ЕУ дали тогаш „патриотите“ нема да излезат од Македонија? Ќе останат ли и понатаму „зачаурени“ во неа или отворено ќе признаат дека Македонија е таа што бара подобра иднина, подобар живот, сигурни граници и влезе во НАТО и ЕУ?