Дали на 27 април полицијата спровела антитерористичка акција? 

646

Командантот на единицата за обука и поддршка за време на настаните на крвавиот четврток, Бранко Трајановски, е првиот сведок кој денеска зборуваше во судница на рочиштето за 27 април. Тој сведочи по предлог на обвинетиот Митко Пешов кој во тоа време бил началник на Одделот за специјални полициски сили. Хиерархиски, Пешов му бил претпоставен на Трајановски.

Сведокот кажа дека од Пешов добил наредба да ги упати припадниците на неговата едница кон Собранието во 19.45 часот.

– Во единицата со која раководам во тој момент имаше само 13 луѓе во базата во касарната „Ѓорче Петров“ и тоа беше сѐ со што располагав – рече Трајановски.

Таа бројка на лица тој ја испратил и им дал задача да се приклучат во командата на заменик командирот на ЕБР и да му помогнат во блокада на ходниците во Собранието и евакуацијата на пратениците.

– Кога се слушнавме со началникот околу 19.45 часот, луѓето кои ги имаше во базата ги упативме кон Собранието. Прашав што да правиме понатаму, ми беше кажано да почекам, по што околу 20.10 часот тој ми се јави да бидат повикани припадниците на единицата од сите сектори за внатрешни работи и да останат таму. Околу 20.25 ми се јави повторно началникот и нареди како ќе се собираат припадниците на единицата така да тргнуваат кон Скопје – раскажа сведокот одговарајќи на прашање на обвинителката Вилма Русковска.

Сведокот рече дека од моментот на давањето задача за собирање на единицата која ја сочинувале полицајци од буквално сите градови и нивно доаѓање во базата во „Ѓорче Петров“ се потребни од 3 до 7 часа.

Трајановски посочи и дека потоа од неговата единица на терен била упатена уште една група од 13 полицајци.

Командантот рече дека и тој отишол во Собранието околу 20.50, кај гаражата на законодавниот дом каде се видел со командантите на Единицата за специјални задачи (ЕСЗ) и на Единицата за брзо распоредување со (ЕБР) кои пристигнале во ист момент. Од ЕСЗ имало 15-тина припадници.

Трајковски посочи дека влегол сам во Собранието, ја видел состојбата, а потоа излегол и со споменатите командири се споиле. Со тие сили што ги имале на располагање влегле и се обиделе да интервенираат.

Евакуацијата на првиот повреден пратеник, рече тој, почнала околу 22 часот.
Обвинетиот Вилијам Михајловски, пак, го праша командирот дали на 27 април во Собранието била спроведена антитерористичка акција и дали припадниците на неговата единица се опремени со соодветна опрема за таква акција.

– Единицата со која командувам беше опремена комплетно со стандардната опрема за својата формација. Опремата што ја должи мојата единица е таква што може да одговори на сите закани и предизвици – одговори сведокот.

Денешното рочиште започна со доцнење од 50-тина минути. Причината е што еден од обвинетите, Вилијам Михајловски, се пожали дека не се чувствува добро.

– Судија, не се чувствувам добро. Многу ме боли главата, пиев апче и ништо не ми помага. Дали поради тоа што сум правел операција на увото, дали промаја ме фати – рече обвинетиот по што судијката Добрила Кацарска повика лекари од Брза помош да го прегледаат.

По прегледот, лекарите констатирале дека нема здравствени проблеми освен скршен заб за кој му рекле дека треба да биде поправен.

– Од страна на лекарската екипа судот е информиран дека може да го следи текот на главната расправа – рече судијката.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...