Дали Македонците на крајот ќе му „прибегнат на разумот“?

Марфиевата велигденска метафора го сликува премногу очигледно времето на ирационално пропаѓање на нашата цивилизација, додека ги градеше малоумните стиропори и бетони од „Скопје 2014“.

668
grcev

Дури кога ќе ги потрошат сите други средства, луѓето му прибегнуваат на разумот. Но, дали е така? Мислам дека оваа Марфиева теорема сепак содржи премногу од историјата непоткрепен оптимизам, и (за Марфи) невообичаена верба во човечката рационалност. Од друга страна, ако го гледаме напредокот на човештвото како вид, изразен како во најубедливата биолошка мерка за успешност – вкупниот број на единки, така и во исто толку очигледните показатели за технолошкиот напредок, можеме да претпоставиме дека токму разумот бил тој неверојатно успешен двигател на напредокот на видот.

Не може да се замисли дека нешто друго отколку разумот ги овозможило пронајдоците што го обележија цивилизацискиот напредок на човештвото: обработениот камен, животинските кожи, обликуваните коски и дрво, припитомениот огин, ткаењето, семињата за јадење, куќите, селата, грнчарството, градовите, металот, тркалата, машините, експлозивот…

Забрзувањето е она што запрепастува во оваа нелинеарна функција на напредокот: од првиот поткршен камен до првото парче истопено железо требало да помине безмалку три милиони години, но од првото парче обработено железо до хидрогенската бомба поминаа само три илјади години, наведува Рајт во својата куса историја на напредокот.

Велигденскиот Остров

Сепак, кога човек ќе навлезе во поединостите на напредокот, во случаите на развој на конкретни човечки заедници, ќе види дека во многу од овие посебни истории постојат темни и незнајни ирационални сили што премногу често не им дозволувале на цели заедници, па и цивилизации, „да му прибегнат на разумот“, дури ни по цена на сопствената пропаст. Примери за ова несопирливо работење во полза на сопствената штета, се нижеле како мониста толку многу што можеле да ја облечат светската историјата во тешка и богато украсена невестинска носија. Случајот со човечката заедница што се развила на Велигденскиот Остров е најчесто цитиран во вакви ситуации, толку многу што е веќе банален, но јас – ќе ми простите, почитувани читатели – сум како маѓепсан од него, та и овој пат нема да му одолеам.

Елем, кога на Велигден 1722 година една холандска флота му се приближила на островот, затекнала глетка што до пред некоја деценија немаше рационално објаснување. Непознатиот остров изгубен во океанот на илјадници километри од какво и да е копно, бил толку гол и еродиран што морнарите помислиле дека наместо брда на островот се формирале пустински дини. Уште поголемо запрепастување предизвикале стотици грамадни камени ликови расфрлани по брегот од кои некои биле „повисоки од амстердамските згради“.

Како било можно на остров без ниту едно дрво и вода да се развие цивилизација што била во состојба да изгради колосални скулптури и градежна технологија за да ги одвои од вулканската карпа, транспортира и постави на брегот тие божествено моќни, небаре вонземјански скулптури? И, конечно, каква катастрофа ја избришала таа цивилизација од лицето на земјата?

Денес ги имаме одговорите на сите прашања за мистеријата на Велигденскиот Остров, но тие воопшто не го осветлуваат мракот на човековата ирационалност, ниту пак ни се од помош кога треба да го препознаеме моментот кога треба да му прибегнеме на разумот?

Епската трагедија на Велигденскиот Остров е ваква: островот бил обилно пошумен со густи шуми од чилеанска палма – дрво моќно и големо како нашиот даб; бил богат и со вода за пиење и наводнување и со плодна вулканска земја. Некаде во петтиот век од нашата ера островот го населиле доселеници од Маркиските и Гамбиските Острови – илјади километри оддалечени, очигледно светски шампиони на сите времиња во морепловство и бродарска технологија; со своите совршени катамарани натоварени со кучиња, кокошки, садници и семиња од прехранбени билки, со кои ја воспоставиле својата островска цивилизација. За некој век овие горди претставници на хомо сапиенсот создале моќна цивилизација од повеќе од десет илјади жители, на територија од само сто и шеесетина квадратни километри земја.

Поука за нас

Случајот сакал заедницата да се подели на кланови што се натпреварувале меѓу себе во подигање на монументални скулптури со кои ги славеле своите претци и богови. Секоја генерација камени ликови била поголема од претходната и секоја трошела повеќе дрвена граѓа, коноп и работна сила, сè до моментот додека проретчените дрвја не се свеле, логично, на едно единствено дрво што преостанало на островот. Едно единствено дрво што можело да послужи за повторното пошумување на островот, последното дрво што секој разумен човек на светот би го поштедил, зашто било премногу очигледно дека неговото сечење ќе ја означело неминовната смрт на животот на островот.

Дали генијалците од Велигденскиот Остров му „прибегнале на разумот“ кога стасале до последното дрво? Не. Иако можеле да бидат сосем свесни дека никогаш повеќе немало да никне ниту едно друго дрво на нивниот проколнат остров, тие – вон секоја разумна мисла – го исекле и последното дрво. И го трасирале патот за еродирање и исчезнување на плодната земја, вода и вкупниот човечкиот живот на островот.

Ќе речете, почитувани читатели, дека го потрошив просторот од колумната на предолг вовед, и дека не остана ниту ред за освртот на македонцките работи. Но, Марфиевата велигденска метафора го сликува премногу очигледно времето на ирационално пропаѓање на нашата цивилизација, додека ги градеше малоумните стиропори и бетони од „Скопје 2014“. Дали сега, кога сме исправени пред последното референдумско чилеанско палмино дрво, дали конечно ќе му „прибегнеме на разумот“? Се надевам.

 

Објавено во „Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...