Еден подолг период инвестициските активности на домашните компании беа редок исклучок, наместо редовно правило – што во определена мера, можеби и не е чудно, имајќи ги предвид политичката и безбедносната ситуација во која македонските компании се најдоа затечени. А ова е уште повеќе разбирливо кога на оваа состојба ќе се придодадат „хроничните“ проблеми што вообичаено ги носи со себе македонското бизнис-опкружување – корупцијата, „сивата“ економија, неефикасните судови и даночниот систем, нерешените имотни права, слабите банкарски услуги и ограничените можности за финансирање кои им стојат на располагање на домашните компании, отсуството на предвидливост во системот која е клучна за донесување на деловните одлуки, неразвиената инфраструктура… – и можеби листава може да продолжи до крајот на оваа страница.
Хотелиерството се буди
Затоа можеби и ќе звучи изненадувачки што во изминатите десетина денови присуствував на отворањето на четири нови инвестиции на домашни компании, долгогодишни успешни членки на Стопанската комора на Македонија, секоја од себе бренд и лидер во својата област, пример кој треба да се истакне и јавно да се пофали.
На почетокот на минатата недела, во Тетово, во рамките на неодамна изградениот комплекс „РЕМ Центар“ во центарот на градот, беше отворен првиот хотел брендиран под името на меѓународниот синџир на хотели „Mercure“ – инвестиција во вкупна вредност од 40 милиони евра и извонреден објект со пет ѕвезди, кој се простира на 60.000 метри квадратни. Особено импонира смелоста таков врвен објект со толку голем капацитет да се отвори надвор од главниот град, но ако се има предвид реномето на инвеститорот „Ренова“ како вистински препознатлив домашен бренд и лидер во индустријата на градежните производи, не се сомневам дека овој објект ќе придонесе за значителен развој на туристичките потенцијали на градот, но и за унапредување на деловниот амбиент во тој дел од државата.
Во текот на истата недела беше отворен уште еден голем инвестициски проект во областа на угостителството и туризмот – хотелот „Unique“ во Охрид, во близина на мостот Билјанини извори – уште едно извонредно хотелско здание со 130 просторни и луксузно уредени соби, што придонесува за подигнување на нивото на туристичката понуда во нашиот главен туристички центар. Инвеститорот – компанијата АД „Илинден“ е докажан и етаблиран лидер во градежниот сектор, а проширувањето на делокругот на активности и во областа на хотелиерството само ја потврдува премисата дека градителите се тука за да создаваат нови вредности во домашната економија.
Европски стандард во рурална средина
Крајот на неделата го донесе отворањето на уште еден инвестициски објект – а овој се карактеризира по специфичноста што се наоѓа надвор од нашите граници – пример што особено треба да се истакне. По веќе реализираните инвестиции во Косово и во Албанија, македонската компанија „Даути комерц“ ја официјализираше новата инвестиција во регионот во дистрибутивен центар во Подгорица, Црна Гора, во вредност од 3,5 милиони евра – магацин на големо, за увоз и дистрибуција на мешана стока, каде што ќе се третира увезена стока од Македонија, Србија, од земји членки на Европската Унија, Азија и Јужна Америка.
Компанијата веќе има обезбедено доминантна позиција на производите и на брендовите што ги застапува на пазарите каде што е присутна, и е вистинска движечка сила за активностите што треба да бидат основата во работењето на секоја наша компанија – освојување на странските пазари, па верувам дека овој дистрибутивен центар значително ќе придонесе за постигнувањето на овие цели.
Конечно, почетокот на неделата што полека изминува го одбележа отворањето на новиот производствен погон на компанијата „Единство“ – с. Челопек – една од најголемите компании во секторот фармерство со вкупен капацитет од 24.000 свињи, како и сопствено производство на сточна храна. Во новиот производствен капацитет, кој се наоѓа во с. Брвеница, Тетово, се планира расекување на свежо месо, како и мали деликатесни серии преработки од сопствено свежо месо.