Дали Заев ќе му се „заблагодари“ на Ахмети?

Премиерот ќе биде доведен до ситуација да мора и на ДУИ да им се „заблагодари“ (нежниот израз за „метлата“) и да формира ново, поинакво мнозинство во парламентот и нов, поинаков владин состав. Тоа ќе биде огромно олеснување за целата македонска јавност, а особено за оние Албанци што во 2016 година гласаа за СДСМ за да се ослободат од вмровскиот јарем на Али Ахмети. 

1643

Едноставно е, законот за јавно обвинителство мора да се донесе. Опструкцијата на овој процес ја прави ВМРО-ДПМНЕ. Министерството за правда ги инкорпорира практично сите амандмани и забелешки на законот што дојдоа од Груевски, пардон, од Мицкоски и неговиот тим. 

Но процесот повторно запна. Сега, ВМРО-ДПМНЕ има проблем со своите сопствени амандмани, па сега и нив ги оспорува. Ова наликува на деновите кога оваа партија вложи максимални напори да го осуети формирањето на вистински независна Антикорупциска комисија, а претходно и на други закони.

Класика! Голем дел од политиката на оваа земја се води само и само за да се заштитат криминалците во неа. Така и сега, Мицкоски измислува слабости на предлог-законот за обвинителство, не признавајќи дека тоа се, всушност, нивните барања, прифатени од СДСМ. Откако Катица Јанева поднесе оставка, нивна мета е Вилма Рускоска, иако тие, како ни која било друга партија, немаат простор да поставуваат обвинители. Може да имаат преференци, како Панчевски за Мицкоски, но не и можност за поставување. Помина Сваровски ерата.

Кога Филип Рикер, помошник државен секретар на САД, ќе рече дека „времето на политички игри е поминато“, време е да се замислат ликовите во шампитата со смешниот израсток (стражарница) и оној во Будимпешта. Гејм овер! Или не?

Веројатно, сѐ уште не, бидејќи, кога ВМРО-ДПМНЕ е пикнато во ќош, проработува црвениот телефон на линија Шампита – Мала Речица (ДУИ). Сега и ДУИ поставува нови услови со кои го закочува процесот на носење на законот за обвинителство. Одеднаш, се бара двојно гласање, според Бадентер. Па, Талат Џафери калкулира со закажување датум за седница на Собранието по ова прашање. Како и со гласањето околу имунитетот на Трајко Велјаноски кој, да не беше ДУИ, сега веројатно ќе беше во далеку понепријатна „летна шема“. И многу други такви и слични прилики…

Ако закон за обвинителство, кој е испеглан и готов за гласање, не се донесе час поскоро или најдоцна до крајот на летово, овој пропуст, по многу нешта, ќе значи и крај на процесот на политичко помирување, кој и онака се претвори во панаѓур на неказнивоста. Оваа деструкција на Мицкоски и неговата камарила, како и колаборационизмот на ДУИ со нив, се заканува да предизвика тектонски поместувања во процесите во кои се наоѓа земјава. ВМРО-ДПМНЕ ќе изгуби шанса да биде дел од уште еден значаен процес и дополнително да потоне во сопствениот политички отпад, како во жив песок. Крајот на помирувањето ќе го изолира овој политички штетник до крајни граници. Политичкиот ураган што ни претстои во септември нема да го одмине ни ДУИ.

Премиерот Зоран Заев ќе биде доведен до ситуација да мора и на ДУИ да им се „заблагодари“ (нежниот израз за „метлата“) и да формира ново, поинакво мнозинство во парламентот и нов, поинаков владин состав. Тоа ќе биде огромно олеснување за целата македонска јавност, а особено за оние Албанци што во 2016 година гласаа за СДСМ за да се ослободат од вмровскиот јарем на Али Ахмети. Нема грешка во претходната реченица. Имено, јаремот на Ахмети е вмровски…

„Мудрувањето“ на Ахмети околу изборните единици и изборите воопшто е друга приказна, за која посебно ќе пишувам кога, повторно, ќе ги потсетам и сите други политичари на големите и долгорочни зафати што мораат да ги направат во изборниот систем. Инаку, тоа е уште една причина зошто би било неодговорно да се послуша хировитиот Мицкоски кој хистерично бара предвремени парламентарни избори.

Да се вратам на крајот на помирувањето и политичката криза што се наѕира на македонскиот политички хоризонт. Некооперативноста, поточно, деструктивноста на политичките игри без граници на Фејсбук-политичарот од Будимпешта и неговите пиони во Скопје, ќе значат и крај на нивната неказнивост. Тензиите ќе пораснат, а помирувањето ќе добие нов тек во кој просторот за руското дејствување ќе биде далеку поограничен.

Обидите за помирување што радикалите го сфаќаат како слабост, црната пропаганда, лажните вести и дезинформациите што се основно оружје на ВМРО-ДПМНЕ и други авантуристи во македонската политика некаде тука ќе завршат, што ќе се совпадне со неуспехот на уште еден обид да завладее правото. Секое зло за добро. Ќе биде барем почиста ситуацијата. И потезите што ќе се повлечат потоа, иако болни, ќе отворат нови перспективи за процесите. А Мицкоски ќе остане како свената булка покрај шините.

Без оглед на распоредот на силите во парламентот и политичката констелација во целост, може да се насети дека се тенчи трпението на премиерот, како и на јавноста, а оправданијата да се задржи ДУИ во владината коалиција веќе одамна се исцрпени.

По серијата ножеви што ги доби в грб и сите индиции за тешки криминали на ДУИ што ја разнишуваат довербата во владата во целост (особено по бомбите на Ел Чека), како одговор на сета помош што ја добија од локалните избори наваму, можеби е крајно време Заев навистина да му се „заблагодари“ на Ахмети, а на пратениците на ДУИ да им понуди да станат дел од едно поинакво парламентарно мнозинство, потребно за коренити реформи. Се разбира, ова не подразбира дека Заев треба да престане со делење „благодарници“ и во својата партија. Напротив!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...