Дали ВИП затворениците и оние кои народски ги нарекуваме „ситни“ криминалци наскоро ќе можат наместо да лежат во затворска ќелија казните да ги извршуваат преку алтернативни мерки како што е куќниот притвор?
Оваа можност се наметнува по најновите информации од владини извори дека Владата е во фаза на набавка на софтвер со кој конечно ќе може да се користат веќе набавените електронски алки за затвореници и притвореници, преку кои ќе се врши надзор над нив. Станува збор за конечно профункционирање на пробацијата. Тоа значи изрекување на алтернативни мерки за осуденици и лица кои се наоѓаат во кривична постапка (условна осуда со заштите надзор, општокорисна работа, куќен притвор). Почитувањето на овие мерки го нагледуваат т.н. пробациски службеници, а еден од начините е електронско следње преку алки.
Пробацијата е правен инструмент кој со години функционира во Европа, а успешно го применуваат и дел од земјите во регионот.
Во Македонја постои Закон за пробација, тој е изгласан во Собранието во 2015 година, стапи на сила на 1 ноември 2016, а во пракса никако не заживеа. Претходната власт има набавено и електронски алки, новата, пак, изготви и план како тоа конечно да проработи овој систем. Меѓутоа, според нашите информации, причината зошто електронските алки неколку години седат во фиока е што има проблем токму со софтверот за електронското одржување.
Пробациските работи се во надлежност на Управата за извршување на санкции, која пак, структурно потпаѓа под Министерството за правда. Планот кој пред околу една година го презентираше новото раководство во овие институции предвидуваше отворање на 11 канцеларии на подрачјата на основните судови во Македонија и вработување на нови 90 службеници кои заедно со веќе вработените во Управата треба да го спроведат законот во пракса.
Досега отворени се девет канцеларии во кои работат дваесетина пробациски службеници. Освен набавката на нов софтвер, според нашити извори, веќе по завршувањето на новогодишните празници во земјава треба да се започне и со обуки за оние кои ќе треба да го спроведат законот во пракса, а меѓу другите, се очекува и доаѓање на судии од Германија кои би требало да ги обучуваат македонските за изрекување на алтернативни пресуди и мерки.
Кои се придобивките од пробацијата на стручната и пошироката јавност им се познати уште пред да се донесе Законот во 2015. Уште тогаш се црпеа искуства од странство и се правеа проекти и стратегии меѓу кои имаше и таков кој македонските институции го направија во соработка со Националната служба за управување на осудени лица на Англија и на Велс со финансиска поддршка од британската амбасада во Скопје. Стратегијата што тогаш се изработи, предвидуваше дека со пробација пренатрупаноста во затворите ќе се растерети дури за околу 20 отсто, а ќе се спречи и криминална инфекција на „ситните“ криминалци кои во затворите доаѓаат во контакт со сторителите на дела од висок ризик.
Во јавните дебати, пак, експертите посочуваа дека покрај спречување на криминалната инфекција, пробациската служба ќе овозможи и далеку подобра ресоцијализација, но и помали трошоци за државата.
Кога станува збор за земјите од регионот, една од државите каде успешно функционира ваквиот систем е Хрватска. Според хрватското искуство, во пракса првиот чекор од пробацијата значи дека судот донесува пресуда со која казната затвор ја заменува со општокорисна работа или со условна осуда со заштитен надзор. Надзорот за оние кои треба да бидат во куќен притвор се прави токму преку електронските алки.
Откако ќе се донесе пресуда со алтернативна мерка, истата судот ја доставува до пробацискиот сектор, па пробациските службеници го повикуваат осудениот. Најпрво, му се објаснува што е пробација и зошто е повикан. Истовремено службениците собираат податоци од други органи и институции, како што се евиденциите за претходни кривични дела или прекршоци што ги направил осудениот. Врз основа на собраните податоци, службениците го проценуваат ризикот и потребниот третман што треба да го добие осуденикот, а изготвуваат и програма за активностите што осуденикот ќе мора да ги извршува. Активностите може да се извршуваат во некои од јавните претпријатија, здруженијата на граѓани или други правни лица регистрирани за вршење хуманитарни и други активности.
За утврдување на динамиката на исполнување на обврските на осуденото лице се земаат во предвид и знаењата, вештините, здравствените и други карактеристики. На сето тоа со свој потпис треба да се согласи и осудениот. Понатаму, пробациските службеници постојано се во контакт и со него, но и со институциите со цел да водат евиденција дали и како се исполнува предвидената програма.
Во случаите, осуденото лице да одбие, службениците веднаш го известуваат судот и бараат извршување на затворската казна.
ФОТО: EPA / STRINGER