Македонската академија на науките и уметностите денеска ја промовираше монографијата „Богородица Перивлепта (Свети Климент) во Охрид“ – седма од десет тома избрани дела на академик Цветан Грозданов (1936-2018), кои МАНУ ги објавува со издавачката куќа „Матица македонска“.
Академик Грозданов, кој почина минатата година, е најзначајниот македонски теоретичар на историјата на уметноста и византолог со меѓународна репутација. Црквите во неговиот роден Охрид му биле главна истражувачка преокупација и објавил повеќе од 300 научни трудови. Оваа монографија, посветена на црквата од 13 век „Богородица Перивлепта“, содржи 15 студии што Грозданов ги напишал во период од 50 години, од 1965 до 2017. Своевремено тие биле објавени во домашни (југословенски) и во странски научни списанија.
Промовирајќи ја публикацијата, архиепископот г.г. Стефан рече дека таа е монументално дело, а покојниот автор Грозданов го нарече ненадминлив уметник и виртуоз во својата област, кому уметноста му била повик и смисла во животот.
– Оваа монографија е книга буквар, но и иконографски атлас каде необјаснивото е објаснето, а убавото е разубавено… Оваа книга е писмено сведоштво за Цветановата средба меѓу верата и убавото, но и остварен дар на реализирана дарба забележана во зборови и слики, за да можеме убавината на Перивлепта да продолжиме да ја следиме низ неговите очи… Сите трудови имаат една цел – да ја расветлат историјата, да ја објават вистината и да ја разоткријат мистеријата за еден жив споменик на византиската уметност но, пред сѐ, на еден храм паметник во православното христијанство на овие простори – рече г.г. Стефан.
За оваа охридска црква, која до неодамна беше именувана и „Свети Климент“ поради вечното почивалиште на свети Климент, архиепископот рече дека е меѓу најзначајните и најпретставителните дела на тогашната византиска уметност и архитектура. „Богородица Перивлепта“ била храм на Охридската архиепископија посветен на празникот Воведение на пресвета Богородица во храмот и св. Пречиста и била изградена во времето на охридскиот архиепископ Макариј.
– Од првото влегување во храмот се случува воведение во еден простор кој, чиниш, не е од овој свет, во место кое како да е надвор од актуелноста и сегашноста… место кое го милува окото и ја топли душата, дело – и добро, и убаво, затоа што во себе ја содржи хармонијата која ги соединува различните димензии на реалноста… На ѕидовите од храмот, во секој микропростор, има многу историја, но гледајќи ја таа историја се доживува вечната сегашност… Тишината во градот Охрид, во која Грозданов тонел, како што зборуваше, во изобилство ја има токму во Перивлепта. Тоа молитвено тихување во кое многу се чувствуваат времињата минати, но и се дава смисла на времињата сегашни и идни – истакна поглаварот на МПЦ-ОА.
Архиепископот во оваа пригода рече дека многу наши фрески, икони и сакрални предмети кои, рече, се реткост со својата заумна убавина и спокој, „денес, за жал, живеат во време кое за нив како да има поинаков критериум“.
Претседателот на МАНУ Таки Фити истакна дека монографијата е автентично сведоштво за раскошната уметност и култура на оваа почва. За Грозданов рече дека создал грандиозно дело што опфаќа милениумска хронологија, кое содржи и оригинални откритија што авторот ги направил лично.
– Во смисла на откривање хронолошки пластови во капиталните црковни објекти во Охрид. Тука мислам на „Света Софија“, а исто така и на „Богородица Перивлепта“, особено јужниот дел од фасадата и Страшниот суд – рече Фити, додавајќи дека магичниот Охрид, научниот предизвик за светската византолошка елита, бил и силна мотивација за Грозданов.
МАНУ ја организираше промоцијата на денот на раѓањето на авторот. Претседателот на Академијата најави дека до идната година ќе бидат објавени и останатите три тома од проектот Избрани дела на академик Грозаднов.