Одбележувањето на 1000-годишниот јубилеј на Охридската архиепископија е настан со кој би се гордеел секој народ и секоја помесна Црква, настан што ја потврдува нашата вековна вистина, настан на кој се потпираат и нашето минато и нашата сегашност и нашата иднина.
Тоа го истакна поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архипеископија г.г. Стефан во обраќањето пред присутните во црквата „Света Софија“ во Охрид на Свечената академија што вечерва се одржа по повод одбележувањето на Милениумското постоење на Охридската архиепископија.
Тој истакна дека Оваа наша Охридска архиепископија е сведок дека вистината секогаш е посилна од невистината, правдата од неправдата и љубовта од омразата.
– Што сѐ не доживеа оваа наша древна Црква од падот на царството и државата, од освојувањата и владеењата и од истоверни и од друговерни, од уривањата и грабежите, од палењата и пустошењата…Но духот на оваа наша славна Архиепископија беше тоа што му даваше утеха на нашиот народ и го крепеше да опстои. Под нејзина закрила ги зачувавме и душата и верата, и од неа црпевме морални и духовни сили. Таа ни беше единствената поткрепа и надеж во ропствата, единствен излез од беспаќата и патоказ кон вечноста – порача г.г. Стефан.
Осврнувајќи се на актуелните проблеми со кои се соочува МПЦ ахиепископот охридски и македонски истакна дека историјата на Охридската архиепископија одела заедно со историјата на македонскиот народ, дека слободата на Архиепископијата била и слобода за народот, односно како што рече, како што тоа некогаш било, за жал – така е и денес: кој ја признавал Црквата, го признавал и народот и кој ја негирал Црквата, го негирал и нашиот народ и сѐ што е наше македонско.
– Но знаел нашиот народ дека само народ со минато, може да биде народ со иднина! Знаел дека нема вечни владари и трајни империи, туку дека има само народи кои вечно бдеат и ја чуваат својата историја. Ние денес, загледувајќи се во нашето минато, прилика е да се потсетиме и да се помолиме за личностите од минатото и за нивните заслуги и дела, трудејќи се достојно да се вложиме себеси и да ги насочиме своите обврски и задачи кон сегашниве и идните потреби на нашиот народ и Црква. Душеполезно и спасоносно би било да живееме по она евангелското, што било најглавно во мисијата на нашата древна Црква: љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето. Само така ќе им се оддолжиме и ќе покажеме достојна почит кон духовниците и паството, кон сите коишто низ вековите наназад ѝ служеле и нејзе ѝ припаѓале, кон оние коишто некогаш дочекаа славни времиња, кон оние коишто трпеле искушенија, коишто ја доживеале забраната на нејзината дејност, како и кон оние коишто ја бранеле од неправдите и се бореле за нејзино возобновување и, конечно, кон оние коишто во лицето на Македонската православна црква го доживеаја и помогнаа во нејзиното воскресение – рече поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.