Гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендрју Куомо вчера повика на легализација на марихуаната за рекреативна употреба со што се приклучи кон движењето за легализација што ги зафаќа САД, но и целиот свет.
– Да ја легализираме марихуаната за рекреативни цели, за возрасни, еднаш засекогаш – изјави Куомо, кој во ноември доби нов мандат.
Со тој потег, Њујорк би им се приклучил на 10-те американските сојузни држави и Дистриктот Колумбија коишто веќе го легализираа канабисот. Тоа може да значи стотици милиони долари повеќе годишен приход од данок за оваа сојузна држава, се наведува во извештај нарачан од гувернерот.
Во соседната држава Њу Џерси исто така се води дебата за легализацијата. Тамошниот гувернер Фил Марфи, инаку поддржувач на идејата, и челниците на Парламентот со месеци дискутираат за тоа прашање, но евентуални резултати за тоа пред 2019 година не се очекуваат.