Има една страшна сцена која што се повторува на нашите телевизиски екрани и која ја доживувам како опасност за мирот и стабилноста но и како навреда за сите пристојни луѓе во земјата: изразот на лицата на водачите на двете македонски партии, децении наназад, седнати на некоја од нивните „лидерски средби“. Оние со подолго паметење, една од предностите на возраста, знаат дека тоа било секогаш така, оние другите, пак, можат да ги погледнат последните снимки од неуспешните дијалози на лидерите и ќе се уверат дека е така. Идентични се и изразите на лицата на членовите на нивните делегации кои со своите замрзнати ликови даваат личен придонес кон страшната и вознемирувачка атмосфера на нетрпеливост меѓу оние кои одлучуваат за војна и мир. Го препознавам тој ужасен израз: на Конференцијата за Југославија, на почетокот од деведесеттите така изгледаа Слободан Милошевиќ од Србија и Фрањо Туџман од Хрватска во сите прилики кога беа заедно, било седнати на конференциската маса или на масата на која што ручавме. Ми личеа на човечки вулкани кои само што не експлодирале.
За што, всушност, се работи? Од каде доаѓа тој грч? Има нешто што би можело да се нарече тест за толеранција кој балканските политичари не успеваат да го положат: способност да прифатат различни погледи дури и кога тие им се чинат ирационални или се спротивни на нивните длабоко вкоренети вредности. Толеранцијата, имено, бара софистициран дијалог насочен кон почитување и разбирање на позицијата на другиот. Претпоставка е, се разбира, дека секоја страна си ја разбира сопствената позиција па времето треба да се посвети на разбирање на позицијата на другиот. Но, ова се случува во политики раководени од компромис и консензус. Таму политичарите изгледаат и се однесуваат како нормални луѓе, пренесувајќи ја таа нормалност и врз граѓаните на земјата. Ова што го имаме кај нас е израз на лица каде политиката е zero-sum game, игра во која добиваш или губиш сѐ. Дури и сопствената слобода. Некогашниот амбасадор на САД во Југославија од почетокот на деведесеттите, Цимерман, во своите мемоари пишува дека при секој разговор со Рахман Морина, човекот на Милошевиќ на Косово, забележал дека тој толку се потел што кошулата му станувала жива вода на крајот од разговорите. Инаку, според таканаречената теорија на игри, zero-sum е ситуација во која добивката на едната страна е еквивалентна на загубата на другата. Покер или коцкање се примери на игри на „сѐ или ништо“, добар превод за zero sum и добра дефиниција за македонската политика. Се разбира, и на изборите може да се гледа како на игра на „сѐ или ништо“, но фактот дека ниту една партија не може да ги добие сите гласови и е упатена на создавање коалиции би требало, со време, да ги ослободи нашите политичари од тој познат фацијален израз: грч на нелагодност или божемна рамнодушност комбинирани со брзо движења на очите лево-десно или вкочанети погледи.
Можат ли интелектуалци именувани како советници на нашите политичари, за кои последниве денови многу се пишува, да влијаат да се промени ова поведение. Може, ако не се какви што се водачите кои ги именувале и ако повлијаат тие да се променат. Но, ако не мислат како нив, зошто би биле избрани на советнички позиции? Имено, политичар кој е исклучив бара такви луѓе околу себе. Макијавели рекол дека карактерот на кралот можеш да го препознаеш анализирајќи ги карактерите на неговите советници. Советниците од науката мораат да го пренесат она највредното од својата професија: дијалогот како метод за унапредување на знаењето и на прогресот на човештвото. Никако обратно: преку проектирање на нашиот покерашки менталитет во борбата за „сѐ или ништо“ назад во политичката мисла. Тукидид и Кант не се непријатели. Двајцата основоположници на реалистичката и на либералната школа во политиката не само што не се непријатели туку се во еден перманентен дијалог. Првиот нѐ предупредува на суровите реалности на политиката кои, ако не ги земеме предвид, може да предизвикаме пропаст на државата и на народот, а вториот на идеалите кон кои се стремиме кои му даваат смисла на нашето живеење. Работата е како да се најде вистинскиот баланс меѓу светот каков што е и оној каков што посакуваме да биде.
Оние со подолг стаж во македонската политика мораат да станат свесни за ова што го пишувам и да се ослободат од тој страшен и толку препознатлив грч на нивните лица, а оние новите да внесат ведрина и конструктивност. Не вештачки насмевки, повторно како еден поинаков грч на лицето, туку нормален човечки израз на искреност и загриженост за народот кој го претставуваат. Тоа ќе биде доказ дека раскрстиле со политиката како „борба на сѐ или ништо“ и дека се спремни за политички плурализам во кој моќта и влијанието се дистрибуирани во мноштво групи кои се во дијалог. Политичките претставници на едно отворено општество во кое власта е во перманентна промена, немаат грч на своите лица затоа што нивната основна грижа не е да зграпчат сѐ, туку преку дијалог и компромис со претставници на други групи да го формулираат државниот интерес кој и самиот се менува со променетите околности.
Извор: Инбокс7