Настојуваме да ги убедиме и пратениците, но и самиот Панос Каменос дека овој договор треба да биде изгласан и од него и од пратениците на Независни Грци, бидејќи е во корист на интересите на народите, вели министерот за дигитална политика на Грција, Никос Папас, во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ.
Во случај да се достави нова иницијатива за гласање недоверба на грчката влада, поради Договорот од Преспа, Папас вели дека нема во никој случај да се соберат 151 пратеник за да падне владата.
– Имаме два факта: постои и политичко мнозинство за да се ратификува Договорот од Преспа и второ не постои никаква можност оваа влада да падне, ќе го искористи четиригодишниот мандат, а избори ќе има во септември 2019 – објаснува грчкиот министер.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на случувањата во Македонија, Никос Папас го повтори ставот на Коѕијас дека согласно Договорот од Преспа, референдумот не е неопходен.
– Седнав и ги разгледав резултатите од претходните избори во поранешната југословенска република Македонија и од парламентарните и од претседателските. На овие избори гласаат од 1. 100.000 до 1. 200.000 луѓе. „ЗА“ во конкретната фаза, со познатиот бојкот од некои албански партии, но и од најголемата опозиција, „ДА“ доби над 600 000 гласа. Овој број е многу поголем од тоа што го доби партијата на Заев на изборите на кои беше избран, со околу 500.000 гласа- рече Папас во интервјуто за ЕРТ, а неговата процена е дека ако се одржат предвремени избори кај нас, актуелната влада ќе се зајакне.