Грчки медиуми за неможноста лидерите на ЕУ да донесат одлука за Македонија и Албанија

607

На непроменетиот став на Франција во однос на европската перспектива на Северна Македонија и Албанија го ставаат грчките медиуми акцентот во текстовите за Самитот на ЕУ и недонесената конкретна одлука за проширувањето.

Грчката државна телевизија ЕРТ во пладневното издание на вестите објави дека за проширувањето на Европската Унија и европската перспектива на Северна Македонија и Албанија утрово одново се дискутира на вториот ден од Самитот на ЕУ, jави дописничката на МИА од Атина.

Голем дел од грчките медиуми го презедоа текстот од новинската агенција АНА-МПА под наслов „ЕУ: Не постоеше договор за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија“, во детално се пренесени изјавите од прес – конференцијата во Брисел.

Франција беше една од трите земји што го спречија почетокот на пристапни преговори и раздвојување на двете кандидатури, објави АНА-МПА и повикувајќи се на француски дипломатски извор пишува дека разговорите за проширувањето на ЕУ биле долги и тешки.

– Никаков текст за ова прашање не беше усвоен, бидејќи не постои договор за да почнат пристапните преговори – рекол францускиот дипломатски извор за АНА-МПА.

„Самит на ЕУ: Три земји го блокираа почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија“; „Француско вето за интеграција на Северна Македонија и Албанија во ЕУ“; „Блокада од Франција за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија“; „Стоп од Макрон за Скопје и Тирана во ЕУ“; „Мицотакис и Ципрас поддржуваат интеграција на Северна Македонија и Албанија во ЕУ“; „ЕУ без договор за преговори со Северна Македонија и Албанија“, се дел од насловите во онлајн изданијата на медиумите во Грција.

– Владини извори објаснуваат дека синоќешната разврска не значи дека прашањето е одложено. Од една страна прашањето може денес повторно да биде ставено на дискусија за време на вториот ден од Самитот на ЕУ, а од друга страна, предвидено е лидерите на ЕУ конечно да дадат зелено светло на еден од следните самити, ако денес нема некаква разврска, пишува „Нафтемборики“.

– И покрај многучасовниот состанок на првиот ден од Самитот во Брисел, не излезе бел чад за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, пишува информативниот портал „Њузит“.

– Франција, поддржана од уште две земји, ги блокираа пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија, ширејќи разочараност и во двете балкански земји, пишува „ Ефимерида тон синдактон“

– „Vive la France“ ќе извикаат оние кои се скептично за интеграцијата на Албанија и Скопје во Европската Унија, бидејќи по маратонската дискусија на 28-те европски лидери што заврши кусо пред 3 часот, ја официјализираа неможноста за постигнувањето договор, пишува „Прото тема“.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...