Од 110-от баталјон на грчката војска во градот Лариса, еден или два грчки воени авиони Ф-16 се упатија кон Северна Македонија и го завршија пробниот лет, објавија грчките медиуми.
Според информациите во медиумите во Грција, не е познати дали бил еден или два воени авиони и дали доколку се работи за пар Ф-16, летале заедно или посебно, јави дописничката на МИА од Атина.
– Овие летови имаа за цел тестирање на комуникациите на грчките воени авиони со грчки радари и генерално со воздушниот систем, кој веќе ќе покрива и ќе биде одговорен за воздушната одбрана на воздушниот простор на Северна Македонија, пишува информативниот портал „Њузпост“.
– Целта на летот беше да се провери дали постојат „мртви“ области на територијата на Северна Македонија и да се испита компатибилноста на системите за детекција, пишува „Катимерини“ и додава дека по првиот пробен лет, ќе следат и други во иднина.
Грција, со нејзини воени авиони го надгледува воениот простор и на Црна Гора и на Албанија.
Грчките медиуми утрово ја пренесоа веста објавена од МИА дека во периодот од 7.30 до 9.30 часот планирани се два прелета во воздушниот простор на Република Северна Македонија за потребите на НАТО мисијата „Air Policing“ (чување на воздушниот простор).
Целта на прелетот е проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор. Прелетите се во функција на подготовката и исполнувањето на условите од страна на Република Северна Македонија во делот на воздухопловството како идна рамноправна членка во системот на колективна безбедност, соопшти Министерството за одбрана.
Мисијата „Air Policing“ е мирновремена задача на НАТО, која вклучува користење на системот за следење на воздушниот простор и управување со системот за команда и контрола на воздухопловните сили со соодветни сили и средства за противвоздушна одбрана, со цел заштита на воздушниот простор на земјите членки на НАТО.