Грчките опозициски партии и најдоа триста маани на Република Илинденска Македонија

1469

Името „Илинденска Македонија“ не го елиминира иредентизам е ставот на дел од грчките опозициски партии меѓу кои Нова демократија, Движење за промена (во чии рамки е ПАСОК) и Комунистичката партија на Грција, додека пак Златна зора и Сојуз на централисти се не само против конкретното име, туку против било кој предлог што ќе го содржи терминот Македонија.

По средбата со претседателот на државата, Прокопис Павлопулос, грчкиот премиер имаше телефонски разговор со претседателите на четири од шесте опозициски политички партии во грчкиот Парламент, со лидерката на Движење за промена, лидерот на Река, Ставрос Теодоракис, генералниот секретар на Комунистичката партија на Грција и со претседателот на Сојузот на централисти. Златна зора и овој пат беше исклучена од брифингот, додека пак со претседателот на Нова демократија, Ципрас разговараше вчера.

Грчкиот премиер, како што соопштија од неговиот кабинет и како што веќе објави МИА, ги информирал партиите дека владата бара сложено име за севкупна употреба, уставна ревизија и спроведување на истата како предуслов за интеграција во меѓународните организации, додека пак во однос на името, дека не навлегува во поспецифични дискусии, доколку прво не се исполнети предусловите.

Партиите, пак ги брифираа грчките медиуми за нивните позиции во телефонскиот разговор со Ципрас.

Фофи Генимата, Движење за промена – Илинденска Македонија олицетворение на иредентизмот

– Очигледно е дека конкретното име претставува олицетворение на враќањето на иредентизмот. Сакам да верувам дека владата воопшто не влезе во преговори за ова име, рече вчера претседателката на Движењето за промена, на помалку од 24 часа пред официјалниот брифинг од грчкиот премиер.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, Фофи Генимата, во телефонскиот разговор, му го изразила на Ципрас, несогласувањето за одредницата „Илинденска“ бидејќи смета дека го потврдува иредентизмот и ги повторила позициите на партијата за комплетен договор што ќе содржи сложено име со географска одредница, за севкупна употреба, уставна ревизија и отстранување на иредентистичките наводи.

Партиски извори за АНА-МПА брифирале дека Ципрас на Генимата и рекол дека владата прво преговара за можноста името да биде ерга омнес и за уставната ревизија, а потоа за името, но и дека грчката влада не го има прифатено конкретното име.

Ставрос Теодоракис, Река – Резервираност во однос на одредницата Илинденска

Лидерот на партијата Река, му рекол на грчкиот премиер дека неговата позиција ќе зависи од тоа каков ќе биде конечниот предлог. Според грчката новинска агенција, Ставрос Теодоракис изразил резервираност во однос на терминот „Илинденска“ како дел од можното сложено име.

Димитрис Куцубас, Комунистичка партија на Грција – Името да има строго географска одредница

– Димитрис Куцубас на премиерот му ја повтори позицијата на партијата за спречување на интеграцијата на соседната земја во НАТО и ЕУ, дека за било кој договор, предуслов е уставна ревизија во соседната земја, за да се отстранат сите прашања со иредентизмот и дека името треба да има строго географска одредница, нешто што не е гарантирано со новото име „Република Илинденска Македонија“, соопштуваат од Комунистичката партија на Грција во однос на телефонскиот разговор на генералниот секретар на партијата со грчкиот премиер.

Василис Левендис, Сојуз на централисти – Терминот „Илинденска“ се објави за да „изгори“

Малата партија Сојуз на централисти е против бил какво сложено име со вклучен терминот Македонија, а токму оваа позиција, лидерот му ја пренел на Алексис Ципрас во денешниот телефонски разговор. Во однос на името “Илинденска Македонија“, Василис Левендис оценил дека предлогот е објавен за да „изгори“, односно за да се отфрли, со оглед на реакциите од партиите.

Според грчката новинска агенција, Левендис му повторил на Ципрас дека „наместо да се отстапи името Македонија на Скопје, ќе требаше Грција да ги убеди Скопјаните, да го прифатат името Скопје, давајќи им за возврат секаков вид на размена, економска, инвестициска, научна, технолошка“.

Кирјакос Мицотакис , Нова демократија – „Илинденска Македонија“ го зајакнува иредентизмот

Како што утрово објави МИА, од грчката опозициска Нова демократија, соопштија дека лидерот на партијата, Кирјакос Мицотакис вчера имал телефонски разговор со Алексис Ципрас.

– Премиерот Алексис Ципрас, телефонски го брифираше претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис дека со господинот Зоран Заев разговара за името „Илинденска Македонија“. Ова име историски и директно се поврзува со стремежот за создавање „македонска“ нација и држава што го вклучува Солун и се протега до Егејското море. Било какво споменување на Илинден во името на соседната земја, не само што не се става крај на иредентизмот на Скопје, туку напротив го потврдува и го зајакнува. Затоа е неприфатливо дури и да се поставува како тема за дискусија, пишува во соопштението од грчката опозициска партија.

Никос Михалољакос, Златна зора – Владата да распише референдум за името

Поради судскиот процесот што се води против Златна зора и обвиненијата дека станува збор за криминална организација, партијата и овој пат беше исклучена од брифингот на грчкиот премиер.

Лидерот на Златна зора, говорејќи во грчкиот парламент, вчера рече дека последниот предлог за „Илинденска Македонија“ е „национално неприфатлив и содржи иредентизам“, а паралелно ја повика грчката влада да распише референдум за прашањето за името.

И во јануари годинава, веднаш по првата средба Заев-Ципрас во Давос, грчкиот премиер ги брифираше лидерите на политичките партии, но тогаш не телефонски како сега, туку на директни и одвоени средби во премиерската палата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...