Грчките медиуми за победата на Пендаровски на претседателските избори

Победникот на претседателските избори во Северна Македонија, Стево Пендаровски во изјавите кусо пред полноќ говореше за јасна победа, им се заблагодари на гласачите кои му изразија доверба и додаде дека ќе биде претседател на сите граѓани во земјата, независно од нивната партиска наклонетост и етничка припадност, објави грчката ЕРТ.

220

Грчките медиуми во своите извештаи за вчерашниот втор круг од претседателските избори кај нас акцентот го ставаат врз постигнатиот цензус и победата на Стево Пендаровски.

„Стево Пендаровски избран за нов претседател на Северна Македонија“; „Кандидатот на Заев победник на претседателските избори во Северна Македонија“; „Победа на Пендаровски во С.Македонија: Ќе бидам претседател на сите граѓани“; „Скопје: Стево Пендаровски нов претседател на Северна Македонија“; „Претседателски избори во Северна Македонија: Победа на Пендаровски“; „Стево Пендаровски: Тежината на европската и евроатлантската перспектива на земјата“; „С.Македонија: Профилот и агендата на новиот претседател Стево Пендаровски“, се дел од насловите во електронските изданија на грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Голем дел од медиумите во Грција, го презедоа текстот од државната агенција АНА-МПА, која од Скопје известуваше за вториот круг од претседателските избори. Освен изјавите на Пендаровски и резултатите, во текстот под наслов „С.Македонија: Еден претседател „за сите граѓани“ и „жед“ за евроатлантска интеграција“, пренесена е и атмосферата од седиштето на СДСМ.

Силен поддржувач на Договорот од Преспа, 56-годишниот Пендаровски, како што рече обраќајќи се пред новинарите во преполното седиште на СДСМ во Скопје, со својот глас мнозинството граѓани покажаа дека го поддржуваат договорот. Договор, како што истакна во неодамнешното интервју за Атинското – македонска новинска агенција, кусо пред првиот круг на претседателските избори, е гарантиран со секоја влада во Северна Македонија, пишува грчката новинска агенција, а во посебен текст, повторно го објавува интервјуто со Пендаровски од 19 април годинава.

Грчката државна телевизија ЕРТ, ги пренесува конечните резултати од вториот круг, како и синоќешните изјави на Стево Пендаровски, на Зоран Заев, на Гордана Силјановска –Давкова и на Христијан Мицковски.

– Победникот на претседателските избори во Северна Македонија, Стево Пендаровски во изјавите кусо пред полноќ говореше за јасна победа, им се заблагодари на гласачите кои му изразија доверба и додаде дека ќе биде претседател на сите граѓани во земјата, независно од нивната партиска наклонетост и етничка припадност, објави грчката ЕРТ, пренесе МИА.

Резултатите од вчерашните избори се најдоа и на дел од насловните страници на денешните изданија на грчките весници. Текстот на „Етнос“ е под наслов „Заев и Пендаровски големи победници“, а на „Ефимерида тон синдактон“, „Победа на Пендаровски“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...