Ова е одлична можност да сретнеш и заедно да работиш со луѓе од друга земја во нивната земја, запознавајќи се меѓусебно и слушајќи внимателно што ќе ви кажат, запознавајќи ги нивните верувања и секако, нивниот поглед на денешната уметност, вели познатиот грчки скулптор Корнилиос Граменос, кој в сабота, заедно со пет други реномирани уметници од Грција, доаѓа во Македонија.
Во биографијата на Граменос се вбројуваат бројни изложби на дела кои се соочуваат со уметноста на разновидноста во еден географски опсег кој се протега од Германија до Грција, Италија, Турција и САД. Граменос ќе учествува во уметничката колонија „Културен мост“ која од 30. јуни до 5. јули ќе се случува во Струга, а на која заедно ќе работат истакнати македонски и грчки ликовни уметници.
Во вашата биографија се наведени повеќе техники на работа – графика, фотографија, скулптура, сликарство. Кои од овие техники преферирате да ги користите за креирање на вашите уметнички дела?
– Многу години работам сликарство, цртежи направени со мастило и скулптури, најчесто изложувам во сите три дисциплини.
Од што најчесто се инспирирате за вашите дела?
– Од природата и од луѓето. Би рекол, најмногу од природата, но искрено, човечкото тело и неговото однесување имаат многу важна улога во мојата работа.
Како ги одбирате материјалите за работа, со рацете или со срцето?
– Со мозокот, иако срцето секогаш доаѓа меѓу нас. Моите материјали се познати, дрво, боја, хартија, картон и метал, како железо, челик и олово.
Што значи оваа можност за Вас да ги запознаете македонските сликари?
– Ова е одлична можност да сретнеш и заедно да работиш со луѓе од друга земја во нивната земја, запознавајќи се меѓусебно и слушајќи внимателно што ќе ви кажат, запознавајќи ги нивните верувања и секако нивниот поглед на денешната уметност. Мислам дека ова е секогаш пријатен предизвик, ќе биде ли и за вас?
Секако. Какво уметничко дело планирате да направите на ликовната колонија? Дали тоа ќе биде поврзано со Вашата поранешна работа или ќе биде почеток на нов циклус?
– Ќе биде продолжување на мојата проектна работа. Станува збор за безвремената убавина на земјата, на плодната земја, на почвата, на извалканоста и архитектурата која бездруго добро ја содржи. Мислам дека е тоа од суштинско значење, а и многу актуелно во денешно време.
Дали некогаш сте го виделе проектот „Скопје 2014“? Што мислите за овој проект како скулптор?
– Никогаш го немам посетено Скопје, но нејасно се сеќавам на некои слики и на неколку работи кои за проектот ги прочитав во весниците, и ако не грешам, тој сам по себе не е скулптурен уметнички проект, па затоа навистина не можам да кажам нешто за него. Беше прилично фараонски, нели?