– Надморската височина на плоча на објект во градба не е основ за уривање, истакна професорот Мирослав Грчев како вештак на СЈО во предметот „Т.Н.Т.“.
Тој на прашање на СЈО појаснуваше за постапката и релевантноста за уривањето, вклучувајќи го решението за уривање на инспекторот Елизабета Најдоска во кое биле посочени отстапки од основниот проект во однос на ѕидови и столбови, како и отстапката од нултата кота на основниот проект за 1,45 метри во однос на надморската висина. Грчев појасни дека според Законот за градење, урбанистичкиот план, управните акти, дозволата за градба и одобрението за употреба се предмет на инспекцисли надзор, а не за уривање.
На прашање на обвинителот Бурим Рустеми, Грчев рече дека може да се изврши мерење на надморска височина на објект, но тоа не е релевантно и доколку се употреби за вакво решение – тоа е злоупотреба. Појасни дека органот што спроведува план за да може да измери надморска височина треба претходно да ја усвои.
– Не постои проект на градежен објект од вискокоградба чии коти висински се изразени во надморска височина. Во законот постои нулта точка, а тоа е релативна и почнува со 0,00, а тоа е плоча на приземје и се мери со максималната кота-плоча предвидена во планот, односно изградена плоча. Во случајот е мерено од нулта кота на приземје до неизградена-непостоечка плоча, рече Грчев.
Појасни дека нултата кота во записникот се мерела од неправилно место, бидејќи мереле од спротивната страна на пристапот до објектот.
Во моментов одбраната вкрстено го испрашува Грчев.