Работниот појадок што во понеделник го организира Грција во Брисел со шефовите на дипломатиите на земјите членки на унијата и на С. Македонија и Албанија е корисна можност за плоден дијалог и зајакнување на европската перспектива на двете земји, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Гениматас на денешниот редовен брифинг со новинарите и додаде дека до сега над 18 шефови на дипломатиите од ЕУ го потврдиле присуството, јави дописничката на МИА од Атина.
– Во понеделник наутро Грција организира во Брисел неформален работен појадок на Европската унија со министерот за надворешни работи на С. Македонија и вршителот на должност министер за надворешни работи на Албанија со порака зајакнување на поддршката на нивниот европски тек. Ќе биде корисна можност за плоден дијалог и сите присутни да разговараме и да ги изразиме позициите каде се наоѓаме. Присуството, веќе го потврдија над 18 министри за надворешни работи на унијата – рече Гениматас.
Во однос на посетата на Дендиас на Скопје и средбите со македонскиот државен врв, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, рече дека во фокусот на разговорите биле билатералните односи, европската перспектива на Северна Македонија и темите поврзани со регионот.