Грција не го рецка ни МНР, ниту потписот на Ципрас – Скопиа им е помило од Северна

Поставувањето на ваквата нова сигнализација, како што е веќе направено во Северна Македонија за Грција, е во интерес на двете држави, но и пошироко, пред сѐ во полза на економската соработка и унапредувањето на туризмот, односно олеснување на движењето на корисниците во рамките на овие две значајни области на билатералната соработка, велат од кабинетот на Димитров.

1443

Македонското Министерство за надворешни работи (МНР) во редовните контакти со грчките колеги во повеќе наврати има укажано на потребата и полезноста од поставување соодветна патна сигнализација на патиштата во Хеленската Република, согласно новото име на нашата држава, а што е во духот на имплементацијата на Преспанскиот договор и добрата волја за надградување на добрососедските односи, велат од кабинетот на министерот Никола Димитров на прашање на Плусинфо.

Прашавме дали МНР ќе испрати официјална реакција до кабинетот на грчкиот шеф на допломатијата Никос Дендиас затоа што нашиот јужен сосед не ги почитува одредбите од Договорот во Нивици, а кои се однесуваат на поставувањето на сигнализација со новото име на нашата држава. На грчките табли сѐ уште пишува „Скопиа“, наместо Северна Македонија.

Позициите на грчката страна, а со тоа и на министерот Дендиас во однос на Преспанскиот договор ѝ се добро познати на македонската јавност. Тој тврдеше дека  договорот не може да се поништи, бидејќи тие како партија се против ревизионизам на договорите, но дека може да се подобри во одредени делови. Дендиас во дебатна емисија на државната телевизија „ЕРТ“, неодамна одговарајќи на прашањето како тој како министер за надворешни работи на Грција, би ја нарекувал соседната земја – Северна Македонија или Скопје, потсети дека „Мицотакис има излезено со јасен став дека земјата има континуитет, а Грција не поддржува ревизионизам на договорите“.

Додека Грција отворено го прекршува Преспанскиот договор со бојкот на новата сигнализација, а ги игнорира и укажувањата на МНР, Македонија, ги испрати таблите со нашето поранешно уставно име Репулика Македонија во бункер, веднаш откако македонскиот и поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас ги ставија своите потписи на Договорот во Преспа.

– Поставувањето на ваквата нова сигнализација, како што е веќе направено во Северна Македонија за Грција, е во интерес на двете држави, но и пошироко, пред сѐ во полза на економската соработка и унапредувањето на туризмот, односно олеснување на движењето на корисниците во рамките на овие две значајни области на билатералната соработка – велат од кабинетот на Димитров.

Во однос на другите обврски од Преспанскиот договор, велат од МНР, се чека грчката страна да ги информира за готовноста на нивните комитети и комисии за продолжување на работата во наредниот период.

Станува збор за заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања, како и за Комитетот за деловен дијалог и Групата меѓународни експерти за прашања кои произлегуваат од имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци и за сите релевантни прашања, на билатерално и меѓународно ниво.

Оттаму, тврдат дека континуирана е комуникацијата и соработката со грчката страна во однос на спроведувањето на Преспанскиот договор и зајакнување на соработката во различни области.

– Во континуитет се укажува на потребата за заемно почитување и имплементирање на Преспанскиот договор, со сите обврски кои произлегуваат за секоја страна посебно – велат во одговорот од МНР.

Проблемот со непочитување на Преспанскиот договор од страна на Грција викендов го актуелизираше лидерот на ЛДП Горан Милевски кој враќајќи се со возило од Атина кон македонско-грчката граница, како што објасни, не видел ниту една табла со новото име Северна Македонија.

– Сѐ уште стои понижувачкото име Скопиа и се разбира и овој дел не е испочитуван. Јас на првата седница на Владата ќе побарам од министерот за надворешни работи да интервенира не само македонската страна да го почитува договорот, туку да бараме и од Владата во Атина, да ги испочитува и својот дел од договорот – порача Милевски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...