Грција и Македонија како сијамски близнаци

2213

Неделните демонстрации против Преспанскиот договор во Атина уште еднаш покажаа дека помеѓу македонската и грчката десница и крајна десница речиси да нема никаква разлика, ниту во тезите, ниту во силата, ниту во исходот со кој ќе бидат соочени.

Кирјакос Мицотакис и Христијан Мицкоски со месеци читаат иста скрипта во која само се менува името на партијата од Нова Демократија во ВМРО-ДПМНЕ, и обратно, во зависност на кој јазик е текстот. Мицотакис, на пример: „Нова Демократија ќе биде во првите редови на битката да не се ратификува Договорот од Преспа“… Мицкоски, на пример: „ВМРО-ДПМНЕ ќе ги користи сите демократски алатки и методи да се спротивстави на овој процес“… Аргументацијата за тоа спротивставување е иста, само обратна: Мицотакис вели дека Договорот е катастрофа за Грците, Мицкоски дека е катастрофа за Македонците… Замислете ја таа смејурија да треба да настапат во иста дебатна емисија?!

Таму, на само неколку дена пред гласањето за Договорот во Грчкиот парламент, и покрај сите ангажирани авиони, траекти, шинобуси и автобуси, се собраа шеесетина илјади грчки демонстранти, со атињаните главно игнорирајќи ги протестите; токму колку што и овдека, доколку ја направите неопходната релативна споредба на големината на земјите, и покрај сите ангажирани комбиња, автобуси и шинобуси, би се собрале десетина-дваесет илјади луѓе кои би го изразиле својот протест на улица против Договорот, со скопјаните главно игнорирајќи ги протестите.

Во Атина, како и во Скопје, христијанските национал-конзервативци имаат проблем како да се дистанцираат од хистеричните национал-шовинисти со кои имаат иста агенда, но само различен став по прашањето на палењето на собраниско-парламентарните згради.

И таму и овде, и Мицотакис и Мицкоски се јавно против Договорот, но во очекувањето на политичкиот пораз, ќе бидат пресреќни ако некој друг ја заврши таа неопходна и „валкана политичка работа“ за неговото усвојување. Обајцата имаат проблем како да им објаснат на меѓународните партнери дека сè што прават е, всушност, многу повеќе насочено кон собирањето што повеќе гласови за наредните избори, отколку кон реалната опција да ја сопрат историјата на подобрувањето на односите меѓу двата соседи.

И таму, како и овде, Ципрас и Заев делуваат поуверливо, поискрено и понапредно, од калкулантскиот, реакционарен впечаток што го оставаат Мицотакис и Мицкоски.

Не знам за таму, но овде Мицкоски го интересира само неговиот рејтинг меѓу етничките Македонци. Затоа и ќе ги загуби изборите, претседателските секако, а и парламентарните најверојатно, доколку воопшто се случат. Но, и таму и овде, генералните изборни резултати нема да бидат премногу различни од сегашниот распоред на силите, повторно водејќи до компликувани „леви“ коалиции на власт. А и нам и на Грците секој месец изгубен во изборни и пост-изборни политички пазарења е месец повеќе во одлагањето на прогресивната, реформска агенда за подобрувањето на животот на граѓаните. Бидејќи и таму и овде граѓаните се многу незадоволни од брзината со која се подобрува животниот стандард, наспроти брзината со која луѓето си заминуваат од татковините.

Конечно, и за Мицотакис и за Мицкоски оваа година е пресудна за нивните политички кариери. Не дојдат ли повторно на власт, следува пакување на куферите. Тоа, всушност, поштедени од националистичката патетика, го објаснува нивниот однос кон Преспанскиот договор.

Да беа Ципрас и Заев попаметни, во Договорот ќе ставеа и една „преодна и завршна“ одредба со која меѓународно ќе гарантираа дека, доколку Договорот се усвои и стане обврзувачки и во двете држави, тоа не смее да има последици по персоналните кариери на лидерите на опозицијата.

Така ќе се дојдеше до консензуална политичка поддршка за целиот процес.

Вака…

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...