Грција денеска официјално излегува од последниот од трите пакети помош.
Години на големи резови. Тоа за нас беше „бејлаут” (bailout), вели загрепчанецот Никица Јефтиќ, кој со децении живее во Атина, и тоа на денот кога Грција официјално излегува од последниот од трите пакети за помош, кои ја спасија земјата од колапс на економијата, но, исто така, и обезбедија финансиска помош преку спроведување на реформите, политика на штедење и намалувања, пишува Вечерњи лист.
Егзодус на луѓе
Години на мерки за штедење – а тие не престануваат, постојано нешто уште малку се намалува – го оставија грчкото општество исцрпено и распаднато социјално и економски.
– Луѓето масовно се иселуваат. Последиците од егзодусот и тоа како се видливи. На пример, недостасуваат лекари и медицински персонал. Недостатокот на млади создава опасна ситуација за општеството да остане без сила, дури и биолошка, за да го повлече напред – вели Јефитиќ.
Иако кафулињата во Атина се полни, тој напоменува дека тоа не е одраз на фактичката ситуација во паричниците.
– Даноците и бирократијата воопшто не се подобрија. Знам многу луѓе меѓу 40 и 50 години кои живеат со своите родители. Тие работат, но платата им е како џепарлак. И натаму не оптоваруваат со данок на имот, кој требаше да биде привремен. Моето семејство годишно плаќа 1.400 евра. Политичарите се фалат дека туризмот ни е добар. Да, точно е дека оваа година имаме зголемување на бројот на пристигнувања, но приходите се помали. Туристите не трошат. Она што некогаш беше полн багаж со храна, сега се пакет- аранжмани од 200 евра.
Само паушално се додаваат и воведуваат нови давачки. Кога на тоа ќе се додаде и бирократијата, речиси е невозможно да се отвори и да се води приватен бизнис, вели Јефитиќ.
Не е ни чудно што повеќе од 160.000 грчки компании се преселија во Бугарија, каде што давачките се помалку.
– Економистите имаат индикатори дека ни оди подобро. Но, никогаш не ми било јасно едно, тие велат дека сега ние повторно можеме да продолжиме да се задолжуваме. Зар тоа не е апсурдно? – прашува Јефтиќ. Со повеќе од 260 милијарди евра, кои другите земји-членки на еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги позајмија на Грција во изминативе осум години, спасувањето на Грција е најголем „бејлаут“ во историјата.
– Без европска финансиска помош, грчката економија ќе пропадне и можеби нема да закрепне со децении. Цената и последиците од таков колапс врз другите земји и врз ЕУ би биле далеку поголеми од милијардите евра, кои се позајмени. Сите економии во ЕУ би биле повлечени, барем делумно, во грчкиот амбис. Од тоа искуство, излегуваме колективно посилни – порача европскиот комесар за економски и финансиски прашања Пјер Московичи.
Економски раст
Сите сега се надеваат дека реформите ќе продолжат по излегувањето од пакетот помош и дека Грција ќе се врати на меѓународните пазари на капитал како веродостојна земја од еврозоната, која може да се задолжува и да ги рефинансира долговите, без опасност да се врати во пакетот помош. Ниту една европска држава не сторила повеќе за модернизација на јавната администрација и економијата, порача Московичи.
Реалноста на теренот и понатаму е тешка, реалниот живот за многу грчки граѓани и фирми не изгледа толку сјајно, како што звучи веста за излез од „бејлаут“, но, Грција се врати на економскиот раст и некогашни огромниот буџетски дефицит, претворен е во солиден буџетски суфицит, порача Московичи , но додаде дека има многу работи, кои треба да се направат за Грција да застане на нозе.