Грчката криза речиси една деценија беше товар на Европа. Еден период како можни сценарија се посочуваа истапувањето на Грција од Еврозоната или колапс на заедничката европска валута. Но, сега по програмите за спас и доделените кредити во износ од неколку милијарди евра, Грција е во позиција одново да застане на свои нозе.
В понеделник, на 20 август, Грција ќе се соочи со клучниот тест, откако ќе заврши третиот пакет од програмата за спас. По години штедење и меѓународни кредити, Атина ќе може да го финансира својот долг без надворешна помош, пишува ДПА.
Помина долг пат откако на 23 април 2010 година кога тогашниот грчки премиер Јоргос Папандреу драматично побара помош од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
– На повидок е нова Одисеја, предупреди Папандреу, говорејќи на островот Кастелоризо – од каде објави дека земјата се соочува со финансиски колапс.
Дали Грција ќе успее во нејзиниот долг пат без понатамошна помош останува големо прашање. Но, она што е сосема јасно дека кризата се должи на повеќе причини кои вклучуваат корупција, непотизам и преголема јавна администрација која претставуваше товар за земјата.
Како резултат на тоа од приемот на Грција во Еврозоната во 2002 година, па до почетокот на кризата во 2010-та, грчките јавни трошоци далеку ги надминуваа приходите од даноци. Официјалната државна статистика го прикажа значителниот раст на долгот дури кон крајот на 2009 година, кога Папандреу тврдеше дека земјата е се уште солвентна.
Но, во 2010 година избувна кризата. Европа беше принудена да реагира ад хок со пакет за помош од 80 милијарди евра, а за возврат Грција требаше да спроведе програма на штедење, структурални реформи и намалување на буџетските трошоци.
Соочена со стравот од последиците на кризата, ЕУ беше принудена да реагира, бидејќи европската економија директно зависи од состојбата на грчките банки.
Ситуацијата се влоши за брзо време. Невработеноста се зголеми на над 25 проценти, а приходите по глава на жител се намалија за една четвртина. Социјалистите на Папандреу за ова платија тешка изборна цена, на што им претходеа масовни протести на улиците, понекогаш проследени и со насилство.
Потоа, во јуни 2012 година на власт дојде конзервативната партија Нова демократија предводена од Андонис Самарес. Тој го обезбеди вториот пакет помош во вкупен изност од 144,7 милијарди евра и покрај големото противење на опозицијата.
Протестите и уличното насилство ескалираа. „Тројката“, што ја сочинуваа Европската комисија, Европската централна банка и ММФ, станаа државен непријател, како и тогашниот германски министер за финансии Волфганг Шојбле.
Хаосот придонесе за брзиот подем на младиот политичар Алексис Ципрас кој ја предводеше Коалицијата на радикалната левива (Сириза). Ветувајќи крај на програмите за штедење, неговата партија дојде на власт во јануари 2015 година. Првпат во модерната историја Грција доби левичарска влада. Гласачите веруваа дека Ципрас ќе го исполни ветеното.
Ципрас избра едноставна стратегија: Грција безусловно ќе се откаже од програмите за штедење и Европа ќе мора да го прифати тој нејзин избор, бидејќи во спротивно би дошло до колапс на Еврозоната. Тогашниот министер за финансии Јанис Варуфакис беше главен промотор на ваквиот пристап.
По ова следеа бесконечна серија средби во Брисел и конфликти меѓу Варуфакис и речиси сите министри за финансии од земјите членки на Еврозоната, посебно со Шојбле и со тогашниот раководител на Еврогрупата Јером Дијселблом.
Во летото 2015 година, Ципрас одби да ги плати обврските кон ММФ и ги повика грчките гласачи на референдум да решат дали ќе прифатат дополнително штедење. Очекуваниот одговор беше „не“.
Ципрас тогаш направи драстичен пресврт. За да избегне должнички крах и ризик од излез од Еврозоната, тој го разреши Варуфакис и прифати трета програма за помош под стриктни услови. За да го легитимира овој свој чекор, тој закажа нови избори во септември 2015 година на кои граѓаните повторно ја поддржаа неговата партија.
Од тој момент Ципрас започна нов пристап. Тој спроведе мерки на штедење, без дополнително задолжување, намалување на пензиите и зголемување на даноците.
Но, Ципрас сега има нови проблеми. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека неговата партија заостанува за десет проценти зад опозициските конзервативци и многумина Грци немаат чувство дека состојбата е подобрена дури и покрај умереното економско оправување. Невработеноста е околу 20 проценти и над 400.000 млади образовани Грци ја напуштија земјата.
– Грчкиот пациент не е целосно заздравен. Финансиските пазари ќе претставуваат тест дали кредитите и реформите беа ефикасни или пак ќе ни бидат потребни други мерки – оценува професорот по економија од Атинскиот универзитет Панајотис Петракис.
Клучниот чекор ќе биде во тоа дали Грција ќе може да обезбеди нови инвестиции во следните неколку месеци, Атина ќе остане под дури поригорозна контрола на Еврогрупата, која ќе ги открие дури и најмалите отстапувања од реформите. Настрана се оставени 24 милијарди евра од позајмиците од кредиторите и од домашните фондови, со цел да и се овозможи на Атина отплата на финансиските обврски во следните две години без помош од страна.
Но, претстои уште долг пат за минување. Атина сега се соочува со долг на ниво од 180 проценти од БДП, што е највисока стапка во Европа.
Согласно договорот со Еврогрупата, Атина до 2022 година мора да обезбедува буџетски суфицит од 3,5 проценти. Тој до 2060 година би требало да се намали на 2,2 проценти. Грчките финансики медиуми се прашуваат дали е тоа реално.
Еврогрупата ќе треба да го преиспита ова прашање повторно во 2032 година, но во случај на најлошо сценарио, тоа може да го стори и многу порано.
ФОТО: EPA/ORESTIS PANAGIOTOU