Откако СЈО отворило случаи за прислушувањето и за уништувањето опрема, обвинетите бегалци Горан Грујевски и Никола Бошковски, му се јавувале и кажувале какви искази да дава пензионираниот маркирач од УКБ, Марјан Јанкуловски.
Тој работел како маркирач односно внесувал броеви во системите за следење на комуникациите, а за комуникацијата со обвинетите, кои исто така беа дел од УБК, зборуваше на денешното рочиште на предметот „Таргет-Тврдина“.
– Никола Бошковски ми се јави пред да дадам изјава во СЈО и тој и ме однесе до СЈО. Попатно ми кажа што ги прашувале другите колеги и што одговориле и моите одговори да бидат во тие насоки. Ми се јави и кога завршив, истиот ден, дојде да ме земе дома, отидовме на некој паркинг и ме прашуваше што ме прашувале во СЈО и кои одговори сум ги дал – раскажа сведокот.
Со Горан Грујевски, пак се виделе два пати. Првиот пат тогашниот началник на Петтата управа му најавил апсење, но тоа сепак не се случило.
– Горан Грујевски ми се јави бееш во некаква паника, знам беше петок, ми рече дека ќе не апселе викендот и дека би било фино со семејството да не бидам во Скопје и дека и тој исто така нема да биде во Скопје. Јас му реков дека не можам зошто сум дежурен викендот и сум на повик. Тогаш тој ми рече ако случајно има проблем да се јавам кај некој адвокат Перо и ми даде број од тој човек. Имавме уште една средба. Седевме во еден кафиќ во Кисела Вода и ми пишуваше на лист што треба да одговорам – рече Јанкуловски.
Покрај двајцата бегалци во случајот за масовното прислушување осомничени се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.