Групен портрет со непотизмот

1143

Македонија е една од земјите во кои развојот на корупцијата и непотизмот со години наназад, и без оглед на констелацијата на владините коалиции, се манифестира како одржлив тренд. Последните случувања со масовно вработување на роднини и пријатели на владините и други функционери, пред се во рамки на една прилично редуцирана партиско-политичка рамка, јасно го потврдува таквото сознание.

Длабоката и раширена корумпираност на јавната администрација претставува голем проблем во низа земји во светот. Постојат сериозни истражувања кои укажуваат дека важен фактор во однос на корупцијата е поврзан токму со формите на вработување во администрацијата. Кога службениците и администратиците се вработуваат според политичка беспоговорна лојалност, или преку непотизам (пред се во полза на членовите на семејството и блиските роднини), ризикот за продлабочување на корупцијата често се зголемува правопрорционално во однос на форсирањето на роднинските и пријателски врски. Притоа лесно се затвораат очите пред квалификациите, вештините и компетенциите од кои пресудно зависи квалитетот на работата што ја извршува администрацијата во однос на потребите на обичните граѓани.

Причините за зголемување на ризикот од засилено коруптивно однесување главно се согледуваат преку фактот дека таквиот ризик значајно јакне преку вработување некомпетентни кадри со сомнителни морални квалитети. Некои од така вработените административци, што ги пополнуваат политички утврдените работни места во случајот на македонската државна администрација, со месеци не ни доаѓаат на работните места. А што е уште поважно, кај кадрите вработени по „заобиколен пат“, преку партиски и роднински врски, значајно се намалува мотивираноста да се борат и да ги пријавуваат коруптивните активности и застранувања, бидејќи можноста да ги задржат своите работни места во најголем број случаи зависи пред се од добрата волја на нивните надредени.

Меѓународни истражувања покажуваат недвосмислно дека постои силна врска меѓу степенот на политизираност на администрацијата и нивото на корупцијата во одделени земји. Во едно шведско истражување на Универзитет во Гетеборг, со кое се опфатени 38 европски земји, се вкрстуваат резултатите од истражувањата на „Транспаренси интеренешанал“, во чии рамки се мери степенот на корупција, со резултатите од истражувањето изготвено од страна на институтот Quality of Government (QoG) при споменатиот универизитет, каде што се презентирани експертски извештаи со проценки околу значењето на политичките контакти во однос на вработувањата во администрацијата.

Според ова истражување, поврзаноста на ризичните фактори е мошне јасна. Земјите каде што политичките и партиски контакти се од пресудно значење за да се добие вработување, имаат и повисоко ниво на корупција. Македонија, заедно со Босна, Албанија, Молдавија и Србија, се наоѓа меѓу земјите кои највисоко се пласирани на табелата – веднаш под Русија, Украина и Белорусија, кои ги заземаат челните позиции. Токму затоа, во предизборните кампањи во овие земји, не е ретка појава да циркулираат пораки со следнава содржина: „При промена на власта можеме да бидеме сигурни дека многумина од нас ќе ја изгубат работата“.

Најдолу на табелата се наоѓаат Данска и Шведска, две земји за кои на најширок план се проценува дека политичките контакти не играат посебна улога при вработувањето и каде што корупцијата во меѓународните компаративни истражувања е мошне ниска.

Две други интересни земји, според истражувањата на Гетеборшкиот универзитет, се Франција и Бразил. Франција, која е богата западноевропска земја, во споредба со една мошне посиромашна јужноамериканска држава. Се проценува дека состојбите околу коруптивно однесување се полоши во Бразил, но истовремено се проценува и тоа дека и во двете земји компетенциите се мошне важни при вработувањата во администрацијата. Се смета дека главна причина за тоа е дека и двете земји ги редуцирале “шефовските“ слободи во кадровската политика и во поголем обем се потпираат врз резултатите на стандардизираните тестови при огласите за вработување.

Познат е случајот со поранешната француска еврокомесарка Едит Кресон, околу која избувна афера по објавувањето на информациите дека вработувала очигледно некомпетентни соработници, а поради што беше обвинета. Едит Кресон исто така на својот пријател заболекар, кој во меѓувреме починал, му помагала да се стекне со материјална корист врз основа на фиктивни спогодби, со што буџетот на ЕУ го оштетила за 136.000 евра. Случајот „Кресон“ во 1999 година доведе до колективна оставка на тогашната Европска комисија и започнување на активности за искоренување на неправилностите во бриселската бироктарија.

Што се однесува до Македонија, ù претстојат крупни реформи што очиглено се уште не се ниту започнати, а кои во областа на борбата против корупцијата ќе ја доближат до европските стандарди. Тие стандарди во Данска и Шведска, на пример, меѓу другото значат дека полицијата и здравствените работници не бараат мито и поткуп врз какви било основи. А прашањето поврзано со партиско-политичка припадност при интервјуаат за вработување во скандинавските земји се потполно ирелевантни и небитни.

Дотогаш, односно до успешното спроведување на реформите, Македонија ќе треба да ја одживее и истурка и оваа сегашна фаза на групен портрет со непотизмот, на кој сите кои се дограбиле до полугите на власта, по партиска, роднинска, но и по етничка линија, ни милиметар не отстапуваат од својата позиција за која „се ибориле“ на портретот што го отсликува приграбувањето на државната власт.

Бидејќи, сосема е сигурно дека, доколку не се преземат порадикални мерки за модернизирање и професионилизирање на јавната администрација, во наредното предизборие повторно ќе почнат интензивно да циркулираат пораки преку партиски канали, за тоа кој што ќе изгуби, и без какви привилегии ќе остане во случај на – промена на власта.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...