Маја Морачанин, пратеник и координатор на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата изјави дека со ова дејствување освен што се означува унапредување на правата на ЛГБТ лицата, се дава и значаен придонес во функционирање на Собранието и унапредување на соработката меѓу граѓанскиот сектор и пратениците во Собранието.
– Изминатата година работевме на подигање на јавната свест за проблемите со кои се соочуваат нашите ЛГБТ сограѓани и учествуваме на голем број конференции, трибини, различни настани како пратеници и како членови на оваа Интерпартиска парламентарна група. Оваа група е одличен пример како со постојана комуникација и работа на невладините организации може да се направат значителни исчекори во унапредување на човековите права и слободи и како начин на функционирање во сите останати сфери на општествено политичкиот живот. И самото формирање на групата се одржа во Собранието со учество на невладиниот сектор и тоа и понатаму продолжува во континуитет – порача таа.
Морачанин истакна дека изминатите две години е направен голем исчекор во поглед на унапредувањето на човековите права и слободи, а особено во сферата на унапредување на правата на ЛГБТ луѓето во однос на законската регулатива.
– Она што не очекува во следниот период и за кој што ние како група се залагаме е и понатамошно усовршување и унапредување на законската регулатива во правното признавање на родот, но она што е многу важно за сите нас е практичната имплементација на овие закони кои ние ги донесовме, затоа што само низ ефикасна имплементација нашите сограѓани можат навистина да ги почуствуваат во своите секојдневни животи придобивките од овие законски промени кои ние ги направивме во изминатиот период, рече Морачанин.
Јагода Шахпаска, член на групата, посочи дека ниту една битка не е лесна, но секој треба да ги води своите битки на фронтот каде што тој се наоѓа, и како што рече, пробивањето на мразот оди тешко, но доколку се обединат и регрутираат поголем број пратеници од законодавниот дом, тогаш таа битка ќе биде многу полесна.