Група иселеници ја осуди ВМРО-ДПМНЕ за референдумот и порача тој да не се врзува со партии

Форумот потенцира дека разрешувањето на спорот за името со Република Грција е премногу важно за да се сведе на поделба на гласачкото тело на табори според партиски (не)симпатии.

739

Форумот за демократска Македонија, составен од група иселеници, го поздрави распишувањето на референдумот за Договорот за името со Република Грција, чиј исход е клучен за евроатлантските интеграции на Република Македонија.

„Форумот строго ја осудува блокадата на распишувањето на референдумот од страна на најголемата опозициска партија во државата и ја доживува како погазување на правото на граѓаните на Република Македонија да ја изразат својата демократска волја, но и на долгорочната, јавна и заедничка определба на двата најголеми политички фактори во државата за референдумско изјаснување по ова прашање. Воедно, Форумот недвосмислено се противи на секаков обид за условување на референдумскиот процес и на евентуалните уставни промени кои би произлегле од него со амнестија за низата кривични дела за кои се сомничат поединци од претходната власт“, пишува во нивното соопштение.

Групата иселеници изразува и одредени резерви околу консултативната природа на претстојниот референдум која има за цел да го неутрализира евентуалниот бојкот. Неизјаснувањето на граѓаните на овој референдум претставува легитимно демократско право, исто како и директното изјаснување со гласање „за“ или „против“.

Тие потенцира дека компромисен договор со Република Грција претставува неизбежен услов за евроатлантските интеграции на Република Македонија без оглед на напредокот на внатрешните реформски процеси. Оттука, Форумот ја осудува тенденциозната теза на дел од противниците на Договорот дека овој договор одвраќа внимание од реформските процеси, или претставува одредена замена за нив, кога всушност само ја приближува нашата нација до остварување на долготрајниот стремеж за станување полноправна членка на глобалното семејство на нации.

„Форумот потенцира дека разрешувањето на спорот за името со Република Грција е премногу важно за да се сведе на поделба на гласачкото тело на табори според партиски (не)симпатии. Референдумот е дел од поширока визија за иднината на земјата која не треба да врзува со поддршка за СДСМ и за нејзините потфрлања во реформските процеси, ниту пак за ВМРО-ДПМНЕ, која го критикува референдумот без да понуди јасна алтернатива. Референдумското изјаснување е можност граѓаните да покажат сопствено размислување и да донесат одлука во натпартиски контекст“, наведуваат во соопштението.

Исто така, групата иселеници ги осудува и обидите на, како што велат, одредени иселенички организации да го моноползираат дијаспорскиот дискурс и да го прикријат разногласието во дијаспората за ова клучно политичко прашање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...