Во Скопје беше промовирана неформалната група „Охрид“ за поддршка на Република Македонија за членство во ЕУ и во НАТО. Дел од оваа група, која на прес-конференција ја претстави премиерот Зоран Заев, се поранешни дипломати и високи функционери, а ја предводи поранешниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон.
Во групата, освен Џорџ Робертсон се вклучени и поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Хавиер Солана, поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи Карл Билд и истакнатите дипломати Кристофер Гајд, Роберт Гелбард, Ален Ле Роа, Волфганг Ишингер, Дајмонд Вилсон, Зоран Чичак, поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев и други.
Робертсон посочувајќи дека поминале 17 години, отако последен пат се обратил на прес-конференција во Македонија, истакна дека името Група Охрид е избрано, бидејќи тој град има големо значење за земјата, со оглед на тоа дека таму е потпишан Охридскиот договор, но исто така тоа е и град заштитетн од УНЕСКО.
– Поминаа 17 години кога последен пат се обратив на прес- конференција во Скопје, но тогаш бев во време кога Македонија се соочуваше со криза, а земјата сега почнува да го трасира својот пат кон просперитетниот свет – рече Робертсон.
Македонија, во еден период од неговиот живот, била во фокусот на неговото внимание и како што рече постоела можност за нејзина поделба, но сепак тоа не се случило бидејќи лидерите на земјата застанале заеднички и храбром да се движат кон иднината.
Потсети дека околу 11 пати заедно со Солана ја посетиле земјава и биле сведоци на потпишувањето на Охридскиот договор.
– Земјата, која беше на работ на граѓанска војна, стана земја, која тропна на европските врати и ја разбра потребата за подобра иднина – рече Робертсон.
Нагласи дека новата група ќе ги советува Владата и министирите, но ќе биде достапна и за опозицијата и претседателот на државата.
На презентацијата на Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија организирана од Комисијата за европски прашања вчера во Собранието беше и експертот за Балканот и и професор на Унивезритетот „Џон Хопкинс“ од Вашингтон Даниел Сервер.
– Триаголникот од кој зависи напредокот на Балканот се САД, ЕУ и вие. Кога овие три страни се хармонизирани ништо не може да ги спречи. Кога се надвор од рамнотежа сите прашања дури и оние кои може да влијаат на мирот и стабилноста се под опасност – рече Сервер.
Тој истакна дека ЕУ помина тешки 10 години, а промени се случија и во администрацијата на САД. Но, и покрај сите тие промени и несигурности, САД и ЕУ и нивната политика кон Балканот останаа исти, а тоа е, додаде, сите земји од Балканот кои сакаат да бидат дел од ЕУ да станат нејзини членки.