Жалбите од адвокатскиот тим на поранешниот премиер Никола Груевски за одбиената молба да се одложи издржувањето на затворската казна во текот на вчерашниот ден почнале да пристигнуваат во Кривичниот суд. Жалба треба да поднесе и лично Груевски, а рокот истекнува денеска.
До утрово таква жалба не пристигнала, ако досега не е испратена и тоа се случи денеска, ќе треба време таа да пристигне до судот.
За Груевски денеска да влезе зад решетки шансите се мали бидејќи прво ќе треба да пристигне неговата жалба во судот, кривичниот совет да заседава, да одлучи да ги одбие жалбите и одлуката да му ја достави на осудениот.
Ваквото пролонгирање го дозволува Законот за извршување санкции во кој е наведено дека жалбата го одлага извршувањето на казната.
Кривичниот совет кој ќе одлучува за жалбите, ќе треба на Груевски да му одреди нов термин кога тој да се јави во затворот во Шуто Оризари, без разлика дали ќе го одложи издржувањето на казната за неколку месеци или не.
Паралелно, екс премиерот спас бара и кај Врховниот суд со барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда. Меѓутоа, за врховните судии да одлучат, треба да ги имаат комплетните материјали за предметот. Досега се чекаше екс министерката Гордана Јанкулоска која исто така е осудена во истиот предмет, да ја поднесе жалбата. Рокот ѝ истече пред два дена, на 6 ноември, кога таа и ја поднесе жалбата.
Кога од Кривичен суд ќе го комплетираат предметот, ќе треба да испратат копија до Врховен, а оригиналите ќе завршат во Апелација каде ќе се одлучува за казната на Јанкулоска. Врховните судии потоа ќе чекаат и мислење од СЈО за да можат да одлучуваат. Меѓутоа, процесот пред највисокиот суд не го одлага влегувањето во затвор на Груевски, тој може да замине во Шутка, па потоа да биде ослободен ако врховните судии донесат таква одлука.
Уште една опција за спас на поранешниот премиер, која се наметнува по вчерашните протести за „Правда за Груевски“, би можела да биде и во рацете на претседателот Ѓорѓе Иванов од кого демонстрантите побараа да го запре политичкиот прогон и да го помилува.
Паралелно за Груевски се води расправа и во Собранието дали тој е достоен за да биде пратеник или не. Комисијата за мандатно имунитетни прашања вчера даде препорака екс премиерот да остане и без пратеничкиот мандат, а конечната одлука ќе се донесе на пленарна седница. За да му се одземе мандатот потребно е двотретинско мнозинство, но според најавите тоа нема да се обезбеди бидејќи исфрлените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат „за“, па Груевски и да заврши во затвор ќе зема пратеничка плата.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI